Собраниско раководство

Четврток, 31 август 2017 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ЕВРОПРАТЕНИЦИТЕ ВАЈГЛ, КУКАН И ФЛЕКЕНШТАЈН 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со европратениците г. Иво Вајгл, г. Кнут Флекенштајн и г. Едуард Кукан, а на средбата беа присутни и претставници од Европскиот парламент и од Европската комисија.

Претседателот  на Собранието изрази задоволство од средбата и ги информираше европратениците за актуелната политичка ситуација во Република Македонија, за активностите на Собранието според Планот на Владата 3-6-9, Препораките од Прибе, Извештајот на Анкетната комисија за настаните од 24 декември 2012 година, како и за реформите што ќе се преземат на планот на европската и евроатлантската интеграција на земјата. Истовремено укажа на зголемената активност на Собранието на меѓународен план, со фокус на парламентарната дипломатија и заложбата Собранието да биде видливо на сите поважни меѓународни настани во Европа и пошироко. Господинот Џафери ја нагласи важноста од негување и градење добрососедски односи, за што го посочи потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и претстојната средба со министерот за надворешни работи на Република Грција.

Господин Вајгл го поздрави нормалното функционирање на државните институции во Република Македонија и особено новиот концепт, визија и стил на работа на Собранието на Република Македонија и неговиот претседател, со што се враќа дигнитетот на институцијата. Истакна дека во Европскиот парламент атмосферата е многу позитивна и дека ја нудат својата помош и поддршка за приближување на новата демократија кон европските вредности и креирање атмосфера за компромис меѓу различните парламентарни политички партии  за полесно надминување на проблемите од транзицијата, со крајна цел севкупно унапредување на европските интеграции на земјата.

Соговорниците заеднички се согласија дека политичкиот дијалог мора постојано да се култивира и унапредува меѓу сите чинители во политичкиот процес за непречено  функциоирање на Собранието на Република Македонија.

Click