Собраниско раководство

Петок, 23 март 2018 година

Средба на претседателот Џафери со европратениците Ковачев, Петерле и Келам

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со Делегација од Групата на Европската народна партија во Европскиот парламент, предводена од европратеникот Андреј Ковачев, придружуван од европратениците Алојз Петерле и Туне Келам. На средбата присуствуваше и амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Самуел Жбогар.

Претседателот Џафери им посака добредојде на европратениците, чија посета доаѓа во предзорие на настаните кои престојат за Република Македонија и го констатираше зголемениот интерес на европските институции, со чија помош се одреди патоказот каде и како ќе се движат државните институции во иднина. 

Тој изрази задоволство од фактот што во Европскиот парламент возобновена е неформалната група „Пријатели на Република Македонија“, која со своето делување треба да придонесе за поголема видливост на земјата и нејзиниот пат кон ЕУ. За поздравување е и приоритетот во Програмата на Тројката за процесот на проширување, на кој се гледа како стратешка инвестиција за мир, демократија, просперитет, безбедност и стабилност во Европа и заложбите за унапредување на евроинтеграциите и вреднувањето на постигнатите резултати на секоја земја одделно. 

Претседателот Џафери истакна дека особено се цени фактот што Мешовитиот парламентарен комитет – РМ и ЕУ, на својот последен состанок во февруари 2018 година во Стразбур, во своите Завршни препораки го повтори својот став дека спорот со името не треба да биде пречка за почеток на пристапните преговори со ЕУ, иако тоа треба да се реши што е можно поскоро. 

Европратеникот Ковачев изрази благодарност за гостопримството и нагласи дека се чувствува позитивната енергија во Република Македонија и дека Европската народна партија ги поддржува напорите на сестринските партии во Република Македонија и Република Грција да го согледаат прозорецот на можности и да придонесат во напорите за надминување на спорот со името. Тој исто така подвлече дека Република Македонија предолго чекала во чекалната на ЕУ од 2005 година и дека со позитивните чекори за подобрување на односите со соседите и одржувањето заеднички седници меѓу владите, очекува позитивен развој на настаните и по Самитот во мај 2018 година во Софија, се очекува да бидат испратени позитивни сигнали и за Република Македонија. Господин Ковачев потенцираше дека предводникот на почетокот и предводникот на крајот на преговорите за членство во ЕУ зависи индивидуално од секоја земја и дека од Република Македонија и од напорите кои ќе ги вложува, ќе зависи исходот на процесот.

Претседателот Џафери ги реафирмираше заложбите за реформските процеси во Собранието во приоритетните области и дека и покрај сите предизвици со кои се соочува, актуелното мнозинство активно работи на заокружување на предвидените реформи од Планот на Владата „3-6-9“, во кој се вградени и Препораките на Прибе. Во однос на добрососедските односи, тој истакна дека оваа влада посветува посебно внимание и на унапредувањето на добрососедските односи, а доказ за тоа е потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, кој неодамна стапи на сила во двете држави. Во делот на добрососедските односи со Грција, во изминатиот период, видливо е значајното приближување на односите меѓу двете земји. Во таа насока, ги повтори очекувањата Извештајот за напредокот за 2017 година на Европската комисија и овојпат да ја содржи препораката за членство во Европската Унија и дека Советот на ЕУ ќе ги вреднува постигнатите реформи и ќе определи датум за отпочнување на преговори за членство. 

Соговорниците разменија мислења околу Законот за употреба на јазиците, процедурите за неговото донесување и целокупната законодавна постапка согласно Деловникот на Собранието и Уставот на Република Македонија, како и подетално за пакетот реформи во областа на судството, јавната администрација и реформите во областа на безбедносната сфера. 

Click