Собраниско раководство

Четврток, 20 јули 2017 година

Средба на претседателот Џафери со финскиот амбасадор Иконен

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери денеска се сретна со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Финска  во Република Македонија, г. Перти Иконен. 

Претседателот Џафери изрази благодарност за континуираната поддршка што Република Финска ѝ ја дава на Република Македонија на планот на евроинтеграциите и истакна дека интерес на Собранието на Република Македонија е да се интензивира  билатералната парламентарна соработка и со таа цел наскоро, како и во сите досегашни парламентарни мандати, ќе се формира Пратеничка група за соработка со Парламентот на Финска. 

Беше изразен и интерес за продлабочување на соработката на ниво на работни тела и размена на искуства, како поддршка за нашите европски интеграции, а добрите пријателски односи беа оценети како добра основа за проширување и на економската соработка. 

Во контекст на НАТО, беше поздравена соработката во рамките на Партнерството за мир, имајќи предвид дека  иако не е полноправна членка на Алијансата, Финска  е еден од најактивните партнери и ценет придонесувач за операциите и мисиите предводени од НАТО на Балканот и во Авганистан.

Амбасадорот Иконен му упати честитки на претседателот Џафери за неговиот избор и ги поздрави заложбите на новата власт за интензивно продолжување  по патот на евроатланските интеграции. Тој ја повтори спремноста на неговата држава да понуди конкретна помош и информираше за започнати проекти со Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија. 

Двајцата соговорници споделија мислења и актуелните состојби во регионот и се согласија дека воспоставувањето на директни контакти е најдобриот начин за надминување на предизвиците меѓу државите.   

Click