Собраниско раководство

Петок, 23 март 2018 година

Средба на претседателот Џафери, со г-ѓа Лилиана Танги, пратеничка во Националното Собрание на Француската Република

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денес оствари средба г-ѓа Лилиана Танги, пратеничка во Националното собрание на Француската Република, потпретседателка на Комисијата за европски прашања и на Групата за соработка со Собранието на Република Македонија. 

Претседателот на Собранието, г. Џафери, на почетокот на средбата изрази задоволство од неоптоварените, извонредни и пријателски односи меѓу Република Македонија и Француската Република. Ја поздрави континуираната француска поддршка на евроатланската интеграција на Република Македонија. Истакна дека од особена важност е јакнењето на меѓупарламентарните односи на двете држави, како и заемната поддршка во рамките на мултилатералната соработка. Притоа, како важен сегмент на натамошното унапредување на заемните односи ја спомна парламентарната дипломатија, преку чии методи на комуникација ќе се овозможи конструктивна и стабилна соработка. Претседателот Џафери информираше за очекувањата за добивање позитивен извештај од Европската комисија, извештај со безусловна препорака за отпочнување на преговорите, како и заокружување на процесот на евроатлантската интеграција со полноправно членство во НАТО на претстојниот Самит на Алијансата. 

Госпоѓа Танги го поздрави напредокот на Република Македонија кој споредено со минатогодишната состојба после немилите настани во Собранието е доста забележителен и ги пренесе заложбите на француското собрание за реализирање на реформските процеси кои ќе доведат до побрза евроинтеграција на Република Македонија. Со тоа, земјата пред сè, ќе покаже спремност да ја ревитализира правната држава и основните принципи на демократијата, а воедно тоа ќе доведе до финалниот резултат - полноправно членство во Унијата. Како пратеник во француското Собрание, таа е активно вклучена и во Комисијата за  надворешна политика каде е воедно и известител за Западен Балкан и е во тесна соработка со Кабинетот на францускиот  претседател во однос на следењето и реферирањето за состојбите во овие држави, вклучително и за Република Македонија. Госпоѓа Лилиана истакна дека ги поддржува неговите перцепции и заложби за иднината на Европа во целост а тоа е дека преку граѓанска дебата треба да се убеди јавноста во Европа дека проширувањето на Унијата со државите од Западен Балкан е оправдано, очекувано и е во полза на сите.

Соговорниците споделија видувања за силната улога на парламентите во градењето на позитивно и високо мислење за законодавната процедура, за нужноста од почитување на Деловникот и Уставот и неопходноста од конструктивна соработка меѓу власта и опозицијата за дебатирање по важни законски решенија. Воедно ја истакнаа потребата од интензивирање на контактите меѓу Собранието на Република Македонија и Националното собрание на Француската Република на највисоко но и на ниво на пратеничките групи за соработка, како значајна алка во севкупната меѓу-државна соработка. 




Click