Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Вторник, 13 март 2018 година

Средба на претседателот Џафери со г-ѓа Марија Пејчиновиќ-Буриќ, потпретседателка на Владата на Република Хрватска и министерка за надворешни и европски работи

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со г-ѓа Марија Пејчиновиќ-Буриќ, потпретседателка на Владата на Република Хрватска и министерка за надворешни и европски работи, која престојува во официјална посета на Република Македонија. 

На почетокот на средбата, претседателот Џафери изрази задоволство од извонредните и пријателски односи меѓу Република Македонија и Република Хрватска и истакна дека е особено за почит силната поддршка што ја добива нашата земја во евроатланските интеграции, за кои очекуваме да се финализираат со полноправно членство во НАТО на претстојниот Самит на Алијансата, како и со позитивен извештај од Европската комисија, кој ќе содржи безусловна препорака за почеток на преговорите.

Претседателот на Собранието, во својот вовед, ја информираше високата гостинка дека како претседател на законодавниот дом големо внимание посветува на актуелните реформски процеси и улогата на Собранието во креирањето на балансиран дијалог меѓу власта и опозицијата за донесување на стратешки важните закони, меѓутоа и на унапредувањето и на повторното ревитализирање на парламентарната дипломатија, како особено значајна форма на репрезентативната улога на парламентот на меѓународен план.

Во однос на економската соработка, претседателот Џафери подвлече дека истата треба и понатаму да се унапредува, особено во делот на туристичката соработка, која е традиционална меѓу двете држави, а во контекст на потпишувањето на договорите со кои ќе се унапредуваат меѓусебните стопански, трговски и економски врски, истакна дека парламентите преку ратификацијата ќе ја олеснат нивната транзиција во ефикасни правни инструменти.

Госпоѓа Пејчиновиќ-Буриќ се заблагодари на средбата и на можноста за размена на мислења и за споделување на хрватските искуства на планот на евроинтеграцијата. Покрај тоа, го истакна и значењето на парламентот во процесот на претпристапните преговори, како и важноста на имање конструктивен и консензуален пристап кон процесот, нешто што парламентарните партии во Република Хрватска го направиле уште на самиот почеток со тоа што се согласиле со консензус за проактивен однос во евроатлантската интеграција на земјата, бидејќи тој процес не значи само интеграција, туку истовремено и транзиција на целокупното општествено живеење. Полноправното членство во НАТО и Европската Унија значи градење на стабилна држава, држава во која странските инвеститори секогаш ќе имаат интерес да вложуваат, а тоа понатаму ќе доведе до развој на државата во целина.

Соговорниците споделија и свои видувања за подобрување на правната рамка во двете држави за статусот на хрватското и македонското малцинство, како и за натамошното негување и развивање на билатералните односи и меѓупарламентарната соработка.