Собраниско раководство

Петок, 27 октомври 2017, Будимпешта

Средба на претседателот Џафери со г. Ласло Ковер, претседател на Парламентот на Унгарија

Денеска, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со г. Ласло Ковер, претседателот на Парламентот на Унгарија, кој што воедно е и домаќин на Осмата конференција на претседатели на парламенти на земјите од Западен Балкан.

Претседателот Џафери изрази благодарност за отворената и континуирана поддршка на Унгарија кон Република Македонија во процесот на отпочнување на пристапните преговори со ЕУ и евроатланското интегрирање на Република Македонија и останатите земји од Западен Балкан. Исто така, особена благодарност изрази за силната и оперативна поддршка што Унгарија ја дава на Република Македонија во справувањето со мигрантскиот бран и последиците од истиот. Унгарија, заедно со другите држави од Вишеградската група, обезбедува логистичка, материјална и полициска поддршка за одбрана на надворешните граници на Европската унија.

Господин Ковер, на почетокот на средбата, му го честиташе изборот на претседателот Џафери и го замоли да му даде кратки информации за програмата на новоизбраната Влада на Република Македонија и тековните активности во Собранието, како и перцепцијата на јавноста во однос на евроинтегративното напредување на државата. Воедно, тој го информираше г. Џафери за скорешното одржување на состанок на Комисиите за надворешна политика на земјите членки на ЕУ и земјите аспиранти за членство во ЕУ во Будимпешта, посветен на евроинтеграцијата на Западен Балкан.

Господин Џафери истакна дека во следниот период фокусот на неговиот ангажман ќе биде развојот на парламентарната дипломатија, враќањето на клучната улога на Собранието во политичкиот живот во Македонија и подобрување на перцепцијата на граѓаните во однос на законодавниот дом.

Соговорниците споделија заемни уверувања и очекувања дека билатералната соработка меѓу двата парламента ќе продолжи со зголемен интензитет, особено на ниво на пратенички групи за соработка, кои се веќе формирани и во двата Парламента. Добрата парламентарна соработка реализирана преку поблиски средби и размена на искуства од парламентарното работење, меѓународната политика и други актуелни прашања, ќе претставува мост за натамошна афирмација на одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Унгарија.  

Click