Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Понеделник, 5 март 2018 година

Средба на претседателот Џафери со г. Мирослав Јенча, помошник на генералниот секретар на Обединетите нации 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со г. Мирослав Јенча, помошник на генералниот секретар на Обединетите нации за политички прашања. На средбата присуствуваше и Амбасадорката Луиза Винтон, резидентен координатор на Обединетите нации (ОН) и резидентен претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).  

Претседателот Талат Џафери, посакувајќи му топло добредојде на гостинот, истакна дека Република Македонија како членка на ОН од 1993 година, активно придонесува во сите нејзини агенции и програми. Земјата останува посветена на заложбите за почитување на обврските кои произлегуваат од членството во доменот на човековите права, непролиферацијата на оружје, борбата против тероризмот, климатските промени и имплементацијата на милениумските развојни цели, но и за поддршка на мировните мисии на Организацијата во Либан – UNIFIL. Тој ги информираше присутните дека Собранието на Република Македонија на 22 декември 2017 година ја ратификуваше таканаречената Истанбулска конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство, со што се овозможува имплементирање на обврските од Конвенцијата во пракса. 

Во однос на евроинтеграциските процеси, претседателот Џафери ја нагласи посветеноста на Владата и Собранието за спроведување на предвидените реформи, особено активностите од Планот 3-6-9 кои веќе го бележат своето заокружување, чекорите преземени во однос на подобрување на добрососедските односи преку потпишување и ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и мерките за градење доверба и изнаоѓањето заемно прифатливо решение за спорот со Грција. По преземените чекори, неспорно е очекувањето за добивање позитивен извештај со безусловна препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ и констатирање на членството на земјата во НАТО оваа година.

Господин Јенча му честиташе на претседателот Џафери за лидерството во смирувањето на ситуацијата во Собранието и за спроведувањето на неопходните реформи за кои Обединетите нации ја покажуваат својата солидарност и ги поддржуваат напорите за европска иднина на сите граѓани на земјата. Притоа, тој го потенцираше фактот дека Амбасадорката Винтон и нејзиниот тим во земјата се на располагање за помош при спроведувањето на овие реформи. 

Господин Јенча се заблагодари за учеството на Република Македонија во мировните мисии, кое иако мало по бројност, ја демонстрира решеноста на земјата за поддршка на активностите на Обединетите нации. Во однос на прашањето за името, тој констатираше дека ова е вистинскиот моментум и Обединетите нации и нејзиниот генерален секретар ќе ги поддржат сите напори за двете страни да направат исчекор напред и да се изнајде решение кое ќе има придонес не само во билатералните односи меѓу двете земји, туку и пошироко за стабилноста на регионот. На крајот, тој го потенцираше значењето за градење консензус во државата околу стратешките цели, како што е членството во НАТО и Европската Унија.