Собраниско раководство

Среда, 8 ноември 2017 година

Средба на претседателот Џафери со г.  Мирослав  Томан, амбасадор на Чешката Република во Република Македонија 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Чешката Република во Република Македонија, г. Мирослав Томан.

Претседателот Џафери му посака добредојде во Република Македонија на амбасадорот Томан, со желба за успешна и плодна дипломатска работа и притоа изрази надеж дека успешната соработка меѓу двете земји ќе продолжи и во иднина. Исто така, претседателот на Собранието изрази благодарност за отворената и континуирана поддршка на Чешката Република во процесот на евроатлантските интеграции на Република Македонија и финалното пристапувањето во Европската унија и НАТО. 

На средбата се истакна дека поддршката што Чешката Република, заедно со другите членки на Вишеградската група ѝ ја дава на Република Македонија во справување со бегалската криза и обезбедувањето на јужната граница, е високо ценета во земјата.

Господин Џафери го информираше г.Томан за напорите на новоизбраната Влада на Република Македонија за унапредување на односите со соседите, како и за активностите што му престојат на Собранието на Република Македонија до крајот на годината. Тој нагласи дека по настаните од 27 април 2017 година, Собранието успеа да се врати на местото коешто му припаѓа и продолжи со нормализирање на текот на активностите. Според г. Џафери, резултатите од локалните избори во Република Македонија, ја потврдија поддршката за Владата и парламентарното мнозинство и за реформите што ќе ги спроведуваат.   

Амбасадорот Мирослав Томан, оцени дека севкупните односи меѓу двете држави, како и односите помеѓу владите и парламентите се на одлично ниво и без отворени прашања. Тој нагласи дека Чешка останува силен поддржувач на зачленувањето на Република Македонија во ЕУ и НАТО и е секогаш отворена за соработка на овој план. Информирајќи за неодамнешните избори за пратеници во Долниот дом на Чешкиот парламент, амбасадорот потенцираше дека се очекува одржување на конститутивната седница на новиот парламентарен состав, како и брзо формирање на новата Влада. Со оглед на тоа што Чешкиот парламент е дводомен, тој посочи дека комисиите за Европска унија и за надворешни работи и безбедност на Чешкиот сенат, се подготвени да воспостават соработка со соодветните комисии во Собранието на Република Македонија.

Соговорниците едногласно констатираа дека парламентарната дипломатија е повеќе од потребна и дека пријателските односи и соработка меѓу двата парламенти треба токму на тој начин да се продлабочуваат и унапредуваат. Беше изразено очекување дека по формирањето на новиот парламентарен состав на Чешкиот парламент, ќе продолжи соработката меѓу претседателите на парламентите, претседателите на комисиите и пратеничките групи за соработка, како и соработката и размената на искуства меѓу двата парламентарни институти.    

Click