Собраниско раководство

Среда, 11 април 2018 година

Средба на претседателот Џафери со г. Павло Климкин, министер за надворешни работи на Украина 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, г. Павло Климкин, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

Претседателот Џафери изрази задоволство од интензивирањето на институционалната соработка меѓу Република Македонија и Украина, а особено на билатералната соработка меѓу двата парламенти, истакнувајќи дека Делегација на Врховната Рада на Украина оствари работна посета на земјава во ноември минатата година. Исто така, информираше дека упатил покана за посета на Република Македонија до претседателот на Врховната Рада на Украина, г. Андриј Парубиј, имајќи ги предвид континуираните заложби за продлабочување на парламентарниот дијалог и интензивирање на контактите меѓу пратениците од двете земји.

Истакнувајќи дека меѓу двете земји нема отворени прашања, г. Џафери нагласи дека Република Македонија ги поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и активностите на ОБСЕ во земјата. Тој нагласи дека Република Македонија учествува со свои претставници во набљудувачките мисии на ОБСЕ во Украина и оцени дека протоколите за прекин на огнот, постигнати со посредство на ОБСЕ, треба да се испочитуваат до крај. Истовремено, г. Џафери ја сподели загриженоста за човечките страдања во регионите на воени дејствија и ја подвлече потребата од изнаоѓање на одржливо политичко решение за кризата.  

Претседателот Џафери изрази дека Собранието на Република Македонија ги поддржува напорите на Владата за унапредување на економската соработка со Украина, како и соработката во полето на одбраната, земјоделието, здравството, културата и образованието. Во таа насока, тој го поздрави потпишувањето на Заедничка декларација меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји, како и Меморандумот за заемна соработка меѓу Дипломатската академија во Министерството за надворешни работи на Република Македонија и Дипломатската академија „Генадиј Удовенко“ во Министерството за надворешни работи на Украина.

Министерот за надворешни работи на Украина, г. Павло Климкин, се заблагодари за остварувањето на средбата, истакнувајќи дека Украина придава големо значење на односите со Република Македонија. Подвлекувајќи дека двете земји ја споделуваат цврстата решеност да станат дел од ЕУ и НАТО, министерот Климкин нагласи дека Украина ја поддржува Република Македонија на патот кон демократскиот развој и ги поддржува и аспирациите за членство во евроатланските структури. Тој оцени дека пристапувањето на Република Македонија кон ЕУ и НАТО ќе придонесе кон интеграцијата на Западниот Балкан и Централна Европа во овие две организации. Министерот Климкин нагласи дека во денешниот свет, во кој не постојат црвени линии, трансатлантската солидарност е реално прашање на постоењето и опстојувањето на демократскиот свет. Тој посака успех во разрешувањето на сложениот спор околу името со јужниот сосед, нагласувајќи дека е свесен дека станува збор за многу сензитивно и емотивно прашање.

Истовремено, г. Кимкин информираше дека во наредниот период се очекува потпишување на спогодба меѓу Република Македонија и Украина со која ќе се воведе безвизен режим за краткорочните патувања, со што би се поттикнале и олесниле комуникацијата и контактите меѓу граѓаните од двете земји, особено во поглед на бизнисот и туризмот.

На крајот од средбата соговорниците изразија надеж дека соработката меѓу Македонија и Украина ќе продолжи да се продлабочува, како на билатерален, така и на мултилатерален план.  

Click