Собраниско раководство

Четврток, 30 ноември 2017 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ИЗВРШНИОТ ДИРЕКТОР НА ХОЛАНДСКАТА КОНСТИТУЕНЦА НА СВЕТСКАТА БАНКА, Г. ФРЕНК ХЕЕМСКЕРК

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со г. Френк Хеемскерк, извршен директор на Холандската конституенца на Светската банка, во чија надлежност спаѓа и Република Македонија. Средбата се реализираше во рамките на неговата посета на Република Македонија. 

Претседателот Џафери искажа посебна благодарност за помошта која Светска банка ја обезбедува во континуитет на Република Македонија во текот на изминатите децении. Банката е активен поддржувач на реформите во клучните сектори кои налагаат поголеми финансиски средства, како транспортот, инфраструктурата и локалната самоуправа и на идните проекции на актуелната влада. 

Исто така, претседателот Џафери го информираше соговорникот за актуелните случувања во земјата и во Собранието на Република Македонија, ставајќи посебен акцент на стратешката определба на мнозинството на граѓани за членство во НАТО и ЕУ, преточена во Резолуции донесени од Собранието на Република Македонија од нејзиното осамостојување. Поддршката беше уште еднаш потврдена на последните парламентарни и локални избори, со што Владата и актуелното мнозинство го имаат мандатот да донесат похрабри одлуки во периодот што следи. Очекувањата од македонска страна се дека по реализација на зацртаните приоритети, ќе добиеме позитивен Извештај на Европската комисија и полноправно членство во НАТО за Република Македонија во 2018 година. 

Директорот Хеемскерк се заблагодари за сеопфатните информации и, со оглед на неговата претходна кариера како пратеник, му посака успешна работа на претседателот Џафери во градењето на поширока поддршка за претстојните процеси. Членство во НАТО е од посебно значење за геополитичката стабилност во регионот, додека најважните придобивки од членството во ЕУ се достигнувањето на европските стандарди кои обезбедуваат раст и развој и кои се, пред сè, за доброто на сите граѓани. 

Во однос на соработката со Светската Банка, директорот Хеемскерк го извести соговорникот дека заокружувањето на рамката за партнерство во 2018 година и реализацијата на предвидените проекти во голема мера ќе ја одредат позицијата на земјата на капиталните пазари.

Соговорниците разговараа и за можната идна соработка со Собранието на Република Македонија, за подобрување на неговата транспарентност во однос на системот на парламентарниот канал и системот на гласање и за поактивно вклучување на пратениците од соодветните комисии на состаноците на парламентарци кои се одржуваат во Светската банка во Вашингтон. 

Click