Собраниско раководство

Среда, 20 септември 2017 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО АМБАСАДОРОТ НА СР ГЕРМАНИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, Н.Е. ТОМАС ГЕРБЕРИХ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со новоименуваниот, вонреден и ополномоштен амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Македонија, г. Томас Норберт Герберих. 

Претседателот Џафери ги поздрави традиционално блиските и континуирани односи меѓу двете држави и меѓу двата парламента, изразувајќи надеж за интензивирање и продлабочување на соработката во иднина. Германија е наш искрен пријател, кој ја поддржува Република Македонија и нејзиниот политички живот во земјата, како и нејзините евроатлански интеграции, истакна претседателот Џафери.

Амбасадорот Герберих ја поздрави политиката на отворени врати на државните институции и на Собранието на Република Македонија. Притоа, искажа одушевеност од брзото пристапување на актуелното раководство во решавање на прашањата врзани со надворешната политика, особено во однос на Република Бугарија и Република Грција, за што упати искрени честитки, бидејќи, како што нагласи, на Република Македонија се гледа како локомотива во регионот за придвижување на соработката меѓу соседните земји.  

Во однос на спроведувањето на внатрешните реформи кои налагаат и создавање материјални услови за нивна реализација, особено создавање предуслови за младите да не ја напуштаат државата, Амбасадорот Герберих понуди финансиска и политичка поддршка од Република Германија за сите реформаторски процеси во Република Македонија.  

На средбата беше особено поздравена иницијативата согласно Берлинскиот процес за основање на младинската организација РИКО, со седиште во Тирана, по француско-германскиот модел, чија цел е преку заеднички проекти да ги приближи младите во регионот да соработуваат поблиску, да ги надминат предрасудите и на тој начин да изградат заедничка иднина во регионот, што ќе води кон негова побрза евроатланска интеграција.

Click