Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Недела, 6 август 2017 година

Изјава на претседателот Џафери по повод распишување на локалните избори

Почитувани граѓани на Република Македонија, 
Почитувани новинари, 
Почитувана јавност 

Денес го потпишав решението за распишување на локалните избори за членови на советите на општините и советот на градот Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на градот Скопје. Тоа го направив согласно законската обврска што ја имам како претседател на Собранието на Република Македонија и согласно роковите што се утврдени во Изборниот законик. Според законските одредби, локалните избори ќе се одржат на 15-ти октомври (недела), 2017 година.

Решението за распишување на изборите ќе биде доставено до органот за спроведување на изборите, Државната изборна комисија на Република Македонија. Апелирам до сите учесници во изборниот процес, во периодот пред денот на изборите и на самиот ден на изборите, да се однесуваат во согласност со Уставот и законските одредби, а надлежните институции да обезбедат целиот изборен процес и самиот изборен ден да протечат во мирна, фер и демократска атмосфера, така како што заслужуваат почитуваните граѓани на Република Македонија.

Бидејќи изборната кампања почнува дваесет дена пред денот на одржување на изборите, сакам да Ве известам дека Собранието на Република Македонија во тој период ќе работи меѓутоа нема да има пленарни седници. Тоа е така,  со цел пратениците да имаат можност да се посветат целосно на изборната кампања а во исто време да се одбегне можноста собраниските седници да се претворат во предизборна кампања. 

Ви благодарам.