Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Вторник, 20 февруари 2018 година

Изјава за медиуми по повод потпишувањето на Меморандумот за разбирање 

Почитуван заменик-државен секретар за надворешни работи на Швајцарија,
Почитуван амбасадор, 
Почитувани претставници на медиумите,

Ми претставува особено задоволство да ја информирам јавноста за потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу Швајцарија, претставувана од Амбасадата на Швајцарија и Швајцарската агенција за развој и соработка и Република Македонија.

Проектот „Програма за поддршка на Парламентот“ има за цел да обезбеди поефикасно и инклузивно функционирање на Собранието, односно целокупно институционално јакнење, унапредување на неговата законодавна и надзорна функција и овозможување соодветен пристап до работата на Собранието на Република Македонија за граѓани, граѓански организации, особено маргинализирани групи, преку зајакната транспарентност и отчетност. Проектот ќе трае од 1 јули 2018 година до 31 декември 2029 година. 

Овој Меморандум ќе обезбеди техничка и институционална поддршка за напорите на Собранието да носи поквалитетни закони и подобро да ги користи јавните ресурси за потребите на граѓаните. 

Според планираната динамика, подготвителната фаза на Проектот ќе биде од 1 јули 2018 до 30 април 2019 година и вклучува донација од 350 илјади швајцарски франци, додека во следните најмногу единаесет и пол години, вкупната донација за Собранието би била 11 милиони швајцарски франци. Целокупниот проект ќе го следи Управувачки совет и Советодавен одбор.

Потпишувањето на овој Меморандум  е уште една потврда за напорите на раководството на Собранието во насока на зајакнување на улогата и капацитетите на Собранието, унапредување на владеењето на правото и приближување до стандардите за работа и резултатите на Парламентите од земјите членки на Европската Унија.