Собраниско раководство

Понеделник, 26 февруари 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на 13. Конференција на КОСАП

Дами господа,
Почитувани колеги пратеници,
Почитувани министри,
Ваши екселенции,

На самиот почеток, како претседател на Собранието на Република Македонија, сакам да гo изразам моето задоволство што денеска сме домаќини на 13. Конференција на Комисиите за европски интеграции на државите опфатени со процесот на стабилизација и асоцијација од Југоисточна Европа – КОСАП, Конференција на која ќе се расправа и за европската перспектива на Западен Балкан. 

Мислам дека тајмингот за Конференцијата е многу добар, бидејќи вчера претседателот на Европската комисија, г. Жан Клод Јункер, заедно со комесарот за проширување на ЕУ, г. Јоханес Хан, ја започнаа Балканската турнеја токму откај нас. 

Да потсетам, само пред десетина дена во Брисел, беше објавена Стратегијата за кредибилна перспектива на проширувањето и зајакнат ангажман на ЕУ за Западен Балкан. Претседателот на Европската Унија, г. Жан Клод Јункер, зборувајќи за состојбите во Унијата во 2017 година, меѓу другото, рече, цитирам: „Ако сакаме поголема стабилност во нашето соседство, тогаш мораме да понудиме и покредибилна перспектива за проширувањето за земјите од Западен Балкан“. Во суштина, оваа изјава на господинот Клод Јункер претставува континуитет на политиката на Европската Унија до земјите од Западен Балкан, утврдена уште на самитот во Солун во 2003 година.

Дами и господа,

Земјите од нашиот регион, не само што географски се дел од Европа и граничат со Европската Унија, туку споделуваме и многу вредности, а имаме и заедничко културно и историско наследство. Имајќи предвид дека секоја држава од регионот, вклучувајки ја и Република Македонија, како своја стратешка цел го има определено полноправно членство во ЕУ, јасно ја дефинира и нашата заедничка иднина. Но, за да ја оствариме оваа наша стратешка определба, зависи исклучиво од нас самите, односно со која динамика ќе ги направиме потребните реформи кои се дефинирани со познатите копенхашки критериуми.

Во суштина, станува збор за реформи кои навистина водат кон полноправно членство во ЕУ, но уште поважен е фактот дека со нив дома градиме стабилни држави во кои ќе има вистинско владеење на правото и функционирање на правната држава, во кои во целост ќе се почитуваат индивидуалните и колективните човекови права и слободи. Држави во кои економскиот развој ќе создава услови за подобар живот на секој граѓанин, за поквалитетен образовен систем, за подобар здравствен систем, за поголема и поефикасна социјална грижа за оние категории на граѓани на кои им е потребна. Со други зборови, бенефитите од реформите прво ќе ги почувствуваат нашите граѓани, иако еден ден кога ќе бидеме членки на ЕУ, тоа позитивно ќе се одрази во економски, но и во безбедносен аспект и на сите членки на ЕУ

Почитувани пријатели,

Република Македонија од самото осамостојување многу јасно се определи за членство во ЕУ и НАТО. За ова имаме целосен политички консензус од сите парламентарни партии, како и голема поддршка од граѓаните. 
Притоа, сакам да истакнам дека актуелното парламентарно мнозинство и оваа владина коалиција, цврсто се решени да ги надминат оние отворени прашања кои нè блокираат на нашиот европски пат, а со тоа дефинитивно да добиеме датум за отпочнување на преговорите со ЕУ, иако да потсетам Европската комисија досега повеќепати има дадено препорака за добивање на датум. 

Договорот за пријателство со Бугарија, кој неодамна беше ратификуван и во двата Парламента, како и започнатиот дијалог помеѓу Скопје и Атина на високо ниво, јасно ја потврдува нашата определеност преку дијалог и заемно почитување да изнаоѓаме решенија и за најчувствителните прашања. За нас, исто толку е важен и натамошниот развој на целокупните односи со сите држави од регионот со што придонесуваме кон стабилноста на Западен Балкан и неговата европска иднина.

Што се однесува до состојбите кај нас ,мислам дека тие се добро познати на нашите европски пријатели.  За да имаме вистинска динамика и успех во остварувањето на реформскиот процес познат како план 3-6-9, не е доволно само ангажман на парламентарното мнозинство и Владата, туку целосно вклучување и на опозицијата. Точно дека мнозинството ја носи најголемата одговорност, точно е дека мнозинството мора да создаде услови за опозицијата да може слободно и демократски да ги артикулира своите интереси, но притоа и опозицијата мора да преземе дел од одговорноста за целокупната состојба, како во државата, така и во остварувањето на европската иднина. Мислам дека кај нас, а и во целиот регион, кога сме во опозиција како да забораваме на сопствената одговорност. Верувам дека и оваа „детска болест“ брзо ќе ја надминеме. 

Убеден сум дека со токму ваков тип на конференции и средби, со присуство и активно учество на нашите пријатели од институциите на Европската Унија, побрзо и полесно ова ќе го надминеме. 
Затоа, дозволете на крајот да ви посакам успешна работа а заклучоците и препораките кои ќе бидат усвоени многу брзо да бидат имплементирани во нашето секојдневно работење.

Ви благодарам на вниманието.

Click