Собраниско раководство

Петок, 30 март 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на Четвртата годишна конференција на Асоцијацијата на балкански универзитети, на тема „Соработката помеѓу универзитетите и културната коегзистенција - премиса за одржлива платформа во целиот Балкански регион“  

Почитуван ректор, воедно и почесен претседател на АБУ, г. Вулнет Амети,
Почитувани ректори на Универзитетите членки на АБУ, 
Почитувани претседавачи на конференцијата,
Почитувани професори, гости, медиуми, 
Дами и господа, 

Денеска, имам чест да учествувам на Четвртата годишна конференција на Асоцијацијата на Балкански универзитети и да бидам пред овој ценет универзитетски аудиториум. Универзитетите се лулката на знаењето, лулка на иднината, тие се институциите каде се детерминира визијата за иднината и целосно се согласувам со темата на Конференцијата, односно „Соработката помеѓу универзитетите и културната коегзистенција - премиса за одржлива платформа на целиот Балкански регион“, затоа што навистина е суштинско универзитетите да соработуваат помеѓу себе, и ова е од уште поголемо значење доколку го земеме предвид целиот балкански контекст. Таму, преку создавањето на заедничките истражувачки мрежи, преку библиотеките и истражувачките центри во различните области, како што се јазикот, културата, науката, историјата, економијата, образованието и спортот, се развива интеркултурен дијалог, а дијалогот е суштински. За постигнување на каков било успех, во која било област, над сѐ, треба да има дијалог. Тука, ќе цитирам една изрека на почитуваниот Далај Лама:

„Актуелната реалност е дека сите ние сме зависни еден од друг и принудени сме да коегзистираме на оваа мала планета. Затоа, единствениот разумен и интелигентен начин на решавање на разликите и конфликтот на интереси е преку дијалог, било да е тоа помеѓу поединци или нации“.

Автономијата и значајната улога на универзитетите треба да се почитува од власта и од државните институции, а универзитетите мораат да се развиваат  во ефективни партнери на глобалниот развој, било да се работи на домашно, регионално или светско ниво. Посакувам оваа платформа, оваа Асоцијација на балкански универзитети да има успех во својата благородна мисија и да има континуитет и секако пошироко и поинклузивно членство. 

Ви посакувам успешна работа и ви благодарам на вниманието. 

Click