Собраниско раководство

Среда, 28 јуни 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери на Конференција посветена на зајакнувањето и улогата на Собранието на Република Македонија

Дами и господа,
Екселенции, 
Почитувани присутни,
Ми претставува особена чест и задоволство да ја отворам денешната Конференција посветена на зајакнувањето и улогата на Собранието на Република Македонија. Собранието е една од клучните институции за враќање на Република Македонија во демократските текови и евроатлантските интеграции, и затоа сум убеден дека темите предложени за дискусии денес ќе резултираат со конструктивна расправа. Расправа од која верувам ќе произлезат  квалитетни заклучоци и насоки кои подоцна ќе можат да се имплементираат и да придонесат во подигнувањето на политичката култура во парламентарниот дискурс. Земајќи го предвид фактот дека моќта по правило е кај извршната власт, современата парламентарна демократија го вградила принципот на надзор од страна на законодавната власт врз извршната. Зајакнувањето на оваа функција на законодавната власт преку соодветни механизими и европски практики, ќе придонесе во подигнувањето на нивото на одговорност од страна на извршната власт.   

Почитувани, 
Ако погледнеме од нормативен аспект, не постојат поголеми пречки за остварување на надзорната функција на Собранието врз извршната власт. Сепак, практиката заостанува зад нормативното уредување. Во тој контекст, потребна е политичка волја за создавање на практика за вистинска контрола над извршната власт. Убеден сум дека ова парламентарно мнозинство ја има онаа потребна критична волја која би ги придвижила работите во една позитивна насока кога станува збор за остварување на надзорната функција на Собранието на Република Македонија. 

Кога зборуваме за функционирање на парламетарната демократија, секако прва асоцијација ни е Собранието и неговата улога, па ако сакате и перцепцијата  и довербата која ја има јавноста за самиот парламент. А таа перцепција  зависи, пред сè, од транспарентноста на работата на Собранието како законодавна власт, понатаму од секој пратеник, па и од собраниската служба. Мислам дека и на ова поле, како Собрание и како пратеници, нè чекаат многу предизвици. Притоа, морам да истакнам дека кога зборуваме за транспарентноста, не почнуваме од нула туку имаме постигнато одредено ниво што ни го признаваат и нашите меѓународни пријатели. Само да потсетам, први во регионот го воведовме таканаречениот И - парламент, понатаму нашата веб-страница, која според истражувањата претставува значајна алатка преку која се обезбедува информирање и транспарентност за работењето на Собранието, работните тела и комисиите, а секако и пратениците. Преку нашата официјална веб- страница можат да се најдат сите материјали кои влегуваат во собрансика процедура, потоа да се следи законодавниот процес од таканареченото прво читање, па сè до донесување на закон. Исто така, преку стримиг може во живо да се следи пленарната седница, а во архивата се наоѓаат видео записи од сите пленарни седници на Собранието од осамостојувањето, па до денес. На нашата веб-страница се објавува и изданието „Мој пратеник“ кое се издава на секои шест месеци и каде  се наоѓаат многу статистички податоци за работењето на секој пратеник. Понатаму може да се најдат и годишните извештаи во кои се опфатени сите активности на Собранието. Собранискиот канал е, исто така, во функција на инфомирањето на јавноста и обезбедување на транспарентноста во работењето на Собранието.  Бидејки станува збор за почеток на нов мандатен период токму околу Собранискиот канал сакам наскоро пред Советот на Собранискиот канал да иницирам расправа како да ги збогатиме содржините на Собранискиот канал кој сега има само директен пренос на пленарните седници, како и на седниците на Комисијата за финансирање и буџет кога истата расправа за донесување на буџетот на државата. Собранискиот канал врши и реемитување на комисиите и другите работни тела. По сè изгледа ќе треба да се размисли и за едно многу појасно нормативно уредување на Собранискиот канал. 

Почитувани,
Соработката и комуникацијата со граѓанскиот сектор, со стручната јавност и граѓаните претставува исто толку важен сегмент кога зборуваме за функционирањето, транспарентноста и отвореноста на законодавниот дом. Како прв меѓу еднаквите во Собранието на Република Македонија, во неколку наврати јасно ја искажувам отвореноста на Собранието кон невладиниот сектор во насока на соработка за подобрување и закајакнување на капацитетите на законодавната власт во Република Македонија.  

Секако тука не завршува работата кога зборуваме за улогата, но и одговорноста на Собранието во остварувањето на принципите на парламентарната демократија која е динамична категорија и која постојано треба да се надградува. Во тие рамки, како претседател на Собранието, тргнувајќи од моите уставни и деловнички надлежности, сакам уште еднаш да истакнам дека секогаш ќе бидам отворен и подготвен да разговарам за секоја критика, предлог или иницијатрива која доаѓа од невладиниот сектор, стручната јавност, пратеник или пратеничка група, па и од собраниската служба. Мислам дека во периодот што следи ќе имаме успешна и плодна соработка со сите чинители. Од нас, кои сме во Собранието, но и од другите општествени и државни субјекти зависи како овие иницијативи ќе ги преточиме во позитивна практика. Ни претстои една одговорна и макотрпна работа.  

Неретко се случува власта и моќта да го расипат човекот. Затоа, треба да обезбедиме вистински механизми каде ќе имаме владеење на правото и високо развиена политичка култура и свест за одговорност, за да се превенира злоупотреба на таа моќ. Мислам дека сите заедно ако навистина ја сакаме оваа наша држава, ако сме одговорни за сегашноста, но и за иднината на генерациите кои доаѓаат, треба навистина со сиот свој капацитет да работиме на остварувањето на овие принципи и стандарди. И уше еднаш на крајот да повторам дека одговорноста е, пред сè, на нас кои сме добиле мандат од граѓаните да ја водиме државата, но одговорност имаат и другите општествени субјекти, а и секој поединец како граѓанин во ова општество.

Ви благодарам на вниманието. 

Click