Собраниско раководство

Сабота, 23 септември 2017 година, Приштина

Обраќање на претседателот Џафери на  Конференција  на тема: „Култура и мир на Балканот - Улогата на пратениците"

Почитуван г.Кадри Весели, претседател на Парламентот на Косово,
Почитувани високи претставници на Федерацијата за Универзален мир - Евроазија, Интернационална,  Европа,
Почитувани поранешни претседатели на  Албанија, Хрватска и Косово, 
Почитувана госпоѓа Хатиџе Хоџа, Претседател на Федерацијата за универзален мир – Косово,
Екселенции,
Почитувани колеги парламентарци,
Дами и господа,

Мирот е една од најголемите вредности на човековата цивилизација. Тоа е неделива и универзална вредност која во исто време, поради однесувањето на луѓето е и многу фрагилна. Ние кои живееме на Балканот, таа фрагилност ја почувствувавме во поновата историја, поточно од распадот на некогашна Југославија, а цената беше висока со илјадници изгубени животи, разрушени домови, уништени ресурси. Сепак, мислам дека со помош на меѓународната заедница сфативме дека сè, па дури и најтешките прашања и разлики на крајот се решаваат со дијалог. Значи, за секој конфликт решението треба да се бара исклучиво преку дијалог.

Сите ние од Западен Балкан сме го дефинирале членството во Евроатланските организации за наша стратешка определба. Тоа е определба која не прави уште поодговорни затоа што од една страна работиме дома за да создадеме услови за внатрешна стабилност и развој, меѓутоа во исто време имаме одговорност да работиме и за стабилноста и развојот на регионот. Нема потреба да потсетувам дека тоа се принципи и стандарди кои се неопходни за да се стане членка во Евроатланските организации.

Од друга страна, свесни сме и реални дека сè уште во билатералните односи меѓу државите има отворени прашања и проблеми. Ќе го споменам спорот со името што Република Македонија го има со Грција. Тоа отворено прашање е причина што Република Македонија заостанува во процесот на интегрирањето во ЕУ и НАТО. Понатаму, односите помеѓу Република Косово и Република Србија на своевиден начин исто така ги оптоваруваат двете држави во интеграциските процеси a тоа влијае на целокупната стабилност во регионот. И, да бидеме искрени, бидејќи ние сме парламентарци а парламентарната дипломатија, за разлика од онаа класичната, е многу поотворена и флексибилна, нерешените билатерални  проблеми можеби во овој момент навистина директно не го загрозуваат мирот меѓутоа, сепак создаваат една помалку позитивна слика за секоја држава поединечно, како и за целиот регион.

Дами и господа,

Во градењето на условите за дијалог и решавањето на отворените прашања, како на ниво на билатералните така и на мултилатералните односи, улогата на таканаречената парламентарна дипломатија станува се покорисна. Ова не значи крај на класичната државна дипломатија туку напротив, двете се комплементарни за заедничка цел, што побрзо надминување на отворените прашања кои би можеле на некој начин да го загрозат мирот. Во изминатиов период, Собранието на Република Македонија имаше доста активна соработка на регионално и  меѓународно поле. Истата се одвиваше преку формите и алатките со кои располага секој парламент. Тоа се парламентарните групи за соработка со групите за пријателства во поединечни држави, активното учество на нашите делегации во меѓународните организации и асоцијации како што се на пример Советот на Европа, Парламентарното Собрание на ОБСЕ и други. Ќе ја спомнам и размената и обуките на парламентарната администрација. Покрај тоа, тука спаѓаат и средбите на ниво на претседатели на парламенти. На пример, минатата недела бев домаќин на мојот словенечки колега, господин Милан Брглеж. Во нашиот меѓусебен разговор, се согласивме дека парламентарната соработка во регионот игра голема и позитивна улога во билатералните и мултилатералните односи меѓутоа, и во натамошното јакнење на стабилноста и Евроатланска перспектива на регионот. Ова е особено важно ако се имаат предвид реалните предизвици кои можат да претставуваат закана за мирот, не само во регионот туку пошироко. Пример за таков предизвик беше бегалската криза. Криза во која државите од регионот покажаа дека со взаемна соработка и доверба, може да се одговори успешно и на такви големи предизвици.

Почитувани колеги,

Бидејќи реалните закани за мирот се сè уште можни, оваа конференција е и тоа како добредојдена. Имено, сите ние како претставници на националните парламенти а секако и нашите меѓународни партнери и пријатели, носиме со себе одредено искуство кога станува збор за парламентарната дипломатија во функција на јакнење на мирот во регионот. Тие искуства можат да се споделат токму тука  на вакви конференции, бидејќи јас сум убеден дека секогаш може да научи нешто ново од другиот, ако ништо друго, барем да не се повторат грешките што некој друг ги направил. Новите искуства што ќе ги размениме тука и поуките што ќе ги извлечеме, во иднина ќе знаеме како да ги примениме и на домашната политичка сцена. Сознанијата од оваа конференција, во својство на пратеници ќе ги пренесеме до нашиот електорат, до невладините организации и до државните институции. Да не заборавиме дека, денес парламентите се најодговорни за доследното почитување на човековите права и слободи, за владеењето на правото и правната држава. Тоа се стандарди и принципи без кои не може да се гради мир и стабилност, како на ниво на држава, така и на ниво на регион. Мирот и дијалогот се темелот врз кој се гради општото јавно мислење и политичката култура. Верувам дека во регионот сè повеќе преовладуваат одговорните политичари, како помеѓу тие што се на власт така и помеѓу тие што се во опозиција. Политичари кои искрено веруваат дека мирот и дијалогот се основната алатка за зачувување на мирот. Мене лично, сето ова ме прави оптимист дека перцепцијата за „Балканот како буре барут“ завршува. Односно, ако до вчера како држави и како регион бевме само консументи на мирот, сега стануваме активни креатори на мирот во рамките на Европа а и пошироко. 

Собранието на Република Македонија, и во овој мандатен период ќе продолжи со својата меѓународна активност на сите нивоа. Јас како претседател, во име на сите 120 пратеници, сакам да истакнам дека остануваме и отворени, и подготвени, активно да се вклучиме во реализација на која било иницијатива или предлог што ќе води кон јакнење на стабилноста во регионот и неговата Евроатланска перспектива. На крајот, би сакал да се заблагодарам на организаторите на оваа меѓународна конференција која доаѓа во вистинско време. Верувам дека сите ние заедно ќе работиме во насока на понатамошно продолжување на оваа практика која ќе ја зајакне улогата и одговорноста на парламентите во натамошното јакнење на мирот и стабилноста во регионот. Тоа е наша обврска кон граѓаните кои не избрале и наша историска должност кон идните генерации.

Ви благодарам на вниманието.

  • На конференцијата во Приштина на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери му е доделена плакета Амбасадор за мир од страна на Федерацијата за универзален мир.
Click