Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Вторник, 5 септември 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери на Меѓународна научна конференција 

Дами и господа,
почитуван министер,
почитувани присутни од академската сфера на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, 
почитувани  гости учесници,почитувани присутни,

Навистина ми претставува задоволство да присуствувам денес на отворањето на оваа Меѓународна научна конференција на тема „Балканот помеѓу западот и истокот: Стари и/или нови безбедносни предизвици“, во организација на Институтот за одбрана, безбедност и мир при Филозофскиот факултет во Скопје и Факултетот за безбедност при Универзитетот во Белград. Фактот што оваа конференција се организира заеднички, јасно покажува дека науката и научната мисла не познаваат граници, а другата, уште поважна димензија е фактот што денеска, во процесите на глобализација, мирот и безбедноста се неделиви категории и нè засегаат сите нас кои живееме во овој регион, меѓутоа и Европа како континент. А моето задоволство од денешното присуство тука помеѓу вас е причинето и заради фактот што јас сум бил професионален припадник на одбранбените сили, а додека ја вршев функцијата министер за одбрана на Република Македонија, имав можност и задоволство да соработувам со вашиот Институт и со повеќето професори од Институтот токму по овие прашања.

Почитувани,

Дозволете ми на почетокот да истакнам дека Република Македонија од самото осамостојување, за своја стратешка цел го определи целосното интегрирање во Европската Унија и во НАТО. Кога станува збор за интеграцијата во Европската Унија, сите држави од регионов се определија за целосна интеграција, додека пак кога станува збор за НАТО, некои држави се веќе полноправни членки (Албанија и Црна Гора) а Македонија, заради спорот со името уште од самитот на НАТО во Букурешт, чека за влез. Нашиот северен сосед, Република Србија, како суверена држава се определи да остане надвор од НАТО. Да не бидам погрешно разбран, таа определба треба сите да ја почитуваат, а во исто време сакам да истакнам дека кога станува збор за безбедноста во регионот, Република Србија има значајна улога а соодветно на тоа и одговорност.

Кога зборуваме за мирот и безбедноста во регионот, сите сме свесни дека постојат многу фактори и чинители кои ја детерминираат безбедноста на секоја држава поединечно и на регионот како целина. При тоа поаѓам од степенот на демократија, владеењето на правото и правната држава во секоја држава, па сè до новата констелација на меѓународните односи. Кога зборувам за овие „внатрешни“ фактори кои ја детерминираат безбедноста, мое мислење е дека сè уште заостануваме кога станува збор за демократските процеси сфатени во нивната најширока смисла, како и во функционирањето на правната држава. Сепак, иако можеби не со онаа динамика која од нас ја очекуваат како нашите граѓани така и меѓународната заедница, ние одиме напред. Сите вие знаете дека Македонија, последниве две години се соочуваше со политичка криза која се темелеше токму на непочитување на овие стандарди. Меѓутоа, со помош на нашите меѓународни пријатели, успеавме најпрво точно да ги дефинираме и лоцираме проблемите, но и да донесеме план и програма за нивно надминување. Јас, искрено верувам дека актуелното парламентарно мнозинство работи сериозно во насока на надминување на кризата, односно, би рекол на отворање на едно ново поглавје во политичкиот живот во Република Македонија.

Помеѓу овие две, ајде лаички да ги именувам гранични фактори, имаме една цела лепеза на чинители, ако сакате и закани за мирот и безбедноста на регионот и државите во него. Ќе наведам само неколку со кои се соочивме ние како држава меѓутоа и целиот регион во последниве две години. Мислам на бегалската криза, односно на Балканската рута преку која поминаа стотици илјади бегалци, пред сè од држави во кои беснееше војна. Република Македонија, а тоа го истакнуваат и сите меѓународни организации, одговори многу успешно на мигрантската криза и тоа од сите аспекти, со висок степен на почитување на меѓународните правила и почитување на стандардите на Обединетите нации кога станува збор за миграции и бегалци. За регионот, ништо помала не е ниту заканата од меѓународниот тероризам кој најчесто доаѓа од таканаречената Исламска држава. Ова го спомнувам од причина што успешното справување со овие предизвици е можно само преку целосна соработка на сите држави во регионот. Имајќи предвид низ што сè поминаа државите во регионот на Западен Балкан во последната декада од минатиот век и почетокот на ова столетие, како и старите, историски антагонизми, мислам дека сите сме свесни дека само преку билатерална и мултилатерална соработка можеме да ги надминеме меѓусебните недоразбирања и во исто време да одговориме на сите предизвици кои можат да го загрозат мирот и стабилноста, како на секоја држава така и на регионот па и пошироко. Тоа што сакам да го истакнам на крај е дека тој дијалог и таа соработка знаеме да ги оствариме без помош или медијација однадвор. Таков позитивен пример е надминувањето на последниот дипломатски преседан помеѓу Скопје и Белград кој го решивме брзо и преку дијалог, без да се нарушат целокупните високо развиени меѓусебни односи. Сепак, мислам дека на оваа конференција, за соработката во регионот ќе зборуваат навистина компетентни експерти.

На крајот, би сакал уште еднаш да се заблагодарам за поканата и да ви посакам успешна работа, со надеж дека вашите заклучоци, препораки а и аргументирани критики, политичарите од регионот ќе знаат да ги искористат и применат во политичките одлуки кои се однесуваат на стабилноста и мирот во регионот и остварувањето на стратешките определби.