Собраниско раководство

Четврток, 1 март 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на Првата работна сесија на Работната група - III од Националната конвенција за Европска Унија во Република Македонија

Почитувани претставници на дипломатскиот кор, 
почитувани претставници на Европското движење во Република Македонија,
почитувани експерти, 
претставници на академската фела, 
на невладиниот сектор, 
почитувани колеги пратеници, 
медиуми,
дами и господа,

Уште на почетокот на мојот мандат, јасно ја искажав мојата намера за менување на претставата на јавноста во однос на законодавниот дом, и ете, денеска, овој настан е вистински доказ за таа моја интенција.

Со особена чест, во својство на претседател на Собранието на Република Македонија, ја користам можноста од мое име и од име на пратениците во Собранието на Република Македонија, да го поздравам овој почитуван пленум. 

Убеден сум дека стратешката определба на Република Македонија за полноправно членство во ЕУ е добро позната на сите, а за тоа постои и голема поддршка кај граѓаните на Република Македонија. 
Националната конвенција за Европска Унија во Република Македонија претставува отворен форум за постигнување на поширок општествен консензус за прашања поврзани со пристапувањето на Република Македонија кон Европската Унија. Тоа е модел на мобилизација на стручната јавност за зголемување на интеграциските капацитети на општеството преку дијалог за витални теми во духот на европската легислатива и европските практики. 

Оваа Работна сесија е првата со која ќе се започне токму таа мобилизација на стручната јавност и јас искажувам почит и поддршка кон Европското движење во Република Македонија, кои се носители на овој проект во Македонија. Ви претстои долг и напорен пат меѓутоа, со заеднички ангажман и поддршка, убеден сум дека резултатите нема да изостанат. Ви посакувам успешна работа!

Благодарам на вниманието.

Click