Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Вторник, 29 мај 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на настанот „Градење современ, професионален и претставнички Парламент“

Почитувани колеги пратеници,Почитувани претставници на Конгресот на САД, 
Претставници на парламентите од Шкотска, Косово, Шри Ланка, Грузија, и Киргистан, 
Претставници на НДИ, УСАИД СДЦ, невладиниот сектор, 
Медиуми и драги пријатели. 

На самиот почеток, дозволете ми од име на Собранието на Република Македонија, да им посакам добредојде и пријатен престој во Македонија на нашите пријатели кои доаѓаат од повеќе држави. Убеден сум дека на оваа наша работна средба, ќе размениме пред сè искуства и идеи кои ќе бидат во функција на јакнење на парламентаризмот во нашите држави.

Парламентарната демократија кај нас е млада, само 27 години, но верувајте дека во целиот овој период имаме континуитет во развојот на демократијата кај нас. Навистина имавме и кризни периоди, но пред сè, ние кои живееме овде и тука, морам да ја спомнам и помошта која ја добиваме од нашите странски пријатели, успеавме сите овие кризи да ги надминеме и од нив да излеземе поцврсти во определбата за натамошен развој на демократијата, сфатена во најширока смисла.

Почитувани пријатели,

Верувам дека сите ќе се согласиме дека Парламентите се оној темел врз кој се гради и се развива демократско општество во кое човековите права и слободи се врвниот принцип. Парламентите со својата законодавна и надзорна функција се темелот врз кој се гради и се развива демократската држава со функционални институции во кои имаме владеење на правото.

Во овие 27 години на парламентарната демократија кај нас, направени се квалитетни чекори, со кои Собранието на Република Македонија, а со тоа и нашата држава, стануваме дел од современиот демократски свет. Доказ за ова е и последниот Извештај на Европската комисија во кој безусловно се предлага добивање на датум за отпочнување на преговори со ЕУ. 

Би сакал накратко да се осврнам на конкретни придобивки кои како Собрание ги направивме со голема помош на нашите пријатели од меѓународната заедница, пред сè мислам на Конгресот на САД, Британскиот парламент, но и многу други специјализирани агенции и фондации. Парламентите како претставнички домови на граѓаните, ако навистина сакаат да бидат демократски институции, треба да работат транспарентно и да бидат отворени за граѓаните. Така, денес, Собранието на Република Македонија има современа и функционална веб-страница, преку која можете во целост да го следите законодавниот процес, имаме и стриминг во живо на пленарните седници, а исто така во архивата можете да ги најдете сите пленарни седници од осамостојувањето па сè до денес. Уште поважен е фактот што преку нашата веб-страница, граѓаните можат да се обратат на својот пратеник, а можат да се пријават и за посета на Собранието. Исто така, треба да се спомне и Собранискиот канал преку кој директно се пренесуваат сите пленарни седници, се пренесува и комисиската расправа при донесувањето на буџетот, како и некои надзорни расправи и други настани во Собранието. Сакам да истакнам дека во тек се и многу други сериозни подготовки за формирање на посебна собраниска телевизија, а ова го правиме токму со помош на нашите странски пријатели.

Дами и господа,

Во овие 27 години на парламентаризам, убеден сум дека ја научивме лекцијата дека функционален парламент и ефикасна парламентарна демократија не може да се гради без широко поставена и квалитетна соработка со невладиниот сектор. Имено, невладиниот сектор може да мобилизира многу поголем број на граѓани кои сакаат активно да учествуваат во креирањето на најразлични општествено одговорни политики и програми. Посебно би сакал да ја истакнам улогата на невладиниот сектор во штитење и развивање на човековите права и слободи, кои се динамична категорија меѓутоа во исто време и многу ранлива категорија. Затоа, една од нашите стратешки определби е и понатаму да ја развиваме соработката со невладиниот сектор.

Секако дека со тоа не завршуваат нашите активности како Парламент, ги има уште многу. Верувам дека во текот на овие денови, активно ќе се дебатира за цел сет прашања, проблеми, дилеми, но и позитивни искуства кои се поврзани со развојот на парламентарната демократија, за која големиот Винстон Черчил има речено дека е „најлоша форма на владеење, освен сите оние други што се испробани од време на време“.   

Ви благодарам за вашето присуство и внимание и уште еднаш ви посакувам успешна и плодна работа, но и убав и пријатен престој во нашата убава земја!