Собраниско раководство

Петок, 4 мај 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на Научна конференција на тема „Управувањето во јавниот сектор: предизвици и перспективи“

Почитуван министер, 
Почитуван ректор Дика,
Екселенцијo,
Почитувани претставници на Мисијата на ОБСЕ во Македонија,
Почитувани професори, 
Дами и господа,  

Ми претставува особено задоволство што денеска сум тука помеѓу вас и што ја имам честа свечено да ја отворам оваа Научна конференција организирана од Факултетот за современи општествени науки во Универзитетот на Југоисточна Европа. 

Република Македонија, од осамостојувањето ги има поставено своите стратешки приоритети, а тоа се полноправно членство во Европската Унија и во НАТО. За тоа, имаме силна поддршка од граѓаните, меѓутоа и поддршка од нашите меѓународни пријатели. Постигнувањето на овие цели е заедничка задача на сите оние што се во позиција да го дадат својот придонес за правење на реформи во општеството. Реформите ја опфаќаат и јавната администрација којашто е суштински дел од државниот апарат, таа е носител и примарен спроведувач на сите напори на законодавната, извршната и судската власт, во насока на постигнување на европските стандарди и вредности. Како резултат на овие заеднички напори, Република Македонија, во најновиот Извештај за напредокот од Европската комисија, доби позитивни оценки и безусловна препорака за добивање на датум за почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ. Секако дека ова е резултат на неуморната работа на Владата, Собранието, судството, локалната власт меѓутоа, јавната администрација, централна и локална, е таа што ги спроведува и е директен носител на овие реформи и вистинско огледало на тоа каде сме и каде сакаме да стигнеме.  Исто така, Извештајот за напредокот, освен што е голема мотивација, е и уште поголема обврска да продолжиме по нашиот европски колосек, затоа што европската иднина е единствена прифатлива опција за сите нас. 

Во оваа пригода, сакам да истакнам нешто што верувам дека ни е јасно на сите нас, а тоа е дека тие реформи, тие промени во начинот на пристап, методологија на работа и организација на јавната администрација, не ги правиме само за да станеме дел од ЕУ и НАТО, туку ги правиме за да постигнеме нешто друго, многу позначајно, ги правиме за благосостојбата на нашите граѓани, за создавање на достоинствени услови за живот и работа. Токму тука ја игра главната улога јавната администрација, којашто треба да биде ефикасна, максимално ефективна и вистинско огледало на заедничките напори. 

Во регионот, меѓутоа и пошироко, во Европа, искуствата се најразлични. Наидуваме на успешни, меѓутоа и на не толку успешни модели. Токму ваквите форуми, научните конференции, дебатите што се развиваат тука, се најдобриот начин за размена на искуства, за идентификација на предизвиците и перспективите, за споредување на моделите и третирањето на нивните недостатоци или предности, меѓутоа и презентирање на можните нови комбинирани модели. Едукацијата на новите генерации на јавни администратори кои ќе бидат подготвени да се соочат со предизвиците што ги носи глобализацијата, е заеднички предизвик на Универзитетите, меѓутоа и на централната и локалната власт. 

Собранието на Република Македонија и јас како претседател на Собранието, ги поддржуваме овие напори, и  во оваа пригода сакам на овој почитуван форум да му посакам успешна Конференција и успешна работа, со надеж дека резултатите од оваа научна дебата ќе бидат скапоцен придонес кон нашиот европски пат.  

Ви благодарам на вниманието.

Click