Собраниско раководство

Четврток, 10 мај 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на Панел-дискусијата на тема: Улогата на парламентарниот етичар во спроведувањето и почитувањето на Етичкиот кодекс во Парламентите - пракса од Националното собрание на Француската Република

Почитувани колеги пратеници,
Ваши екселенции,
Почитувани претставници на медиумите,
Дами и господа,

Дозволете на самиот почеток да изразам задоволство и благодарност до амбасадорот на Република Франција во Македонија, г. Кристијан Тимоние, за досегашната соработка и, пред сè, стручната помош која како Собрание ја добиваме од нашите француски колеги и воопшто Француската држава. 

Во рамките на таа широка соработка е и денешната Панел-дискусија на која почитуваниот г. Фердинанд Мелен-Сукраманиен, професор по право и поранешен етичар во Националното собрание на Република Франција, ќе ни ја престави улогата и работењето не етичарот во Националното собрание на Република Франција, односно Етичкиот кодекс, според кој се однесуваат  нашите  француски колеги, за време на нивниот мандат. 

Со оглед на тоа што парламентарната демократија кај нас е релативно млада, особено ако се споредиме со многу држави во Европа и пошироко, нема сомнеж дека улогата на парламентарниот етичар за многумина од нас, е релативно непозната. Сепак, отворени сме за соработка и за учење од искуствата на тие што одамна го изоделе патот на градење на вистинска парламентарна демократија. 

Во тие рамки на демократски процеси и стандарди е и идејата за донесувањето на Кодекс за етичко однесување на пратениците во Собранието на Република Македонија. Овој кодекс кој во моментов е во фаза на нацрт-документ, има за цел да ја зголеми довербата на граѓаните и јавноста во основните вредности и интегритетот на функцијата пратеник како индивидуа. Со тоа, да се зголеми и довербата во Собранието како претставнички орган на граѓаните на Република Македонија и носител на законодавната власт.

Почитувани колеги, 

За да биде законодавниот дом функционален и, пред сè, во корист на граѓанинот како поединец и општеството во целост, потребно е воспоставување на етички норми, стандарди и правила кои ќе станат наше секојдневие, без разлика дали сме на власт или опозиција. Тоа ќе бидат вредности со кои ќе ја оправдаме довербата која сме ја добиле од граѓаните. Токму  затоа, наша заедничка одлука е да се донесе Етички кодекс и верувам дека денешната панел-дискусија ќе биде од вистинска помош во насока на тоа како нашиот кодекс да биде на ниво на кодексите кои денес ги имаат Парламентите на Франција, на Германија, односно на повеќето европски држави со долга традиција на парламентарна демократија.

Дами и господа,

Парламентарната демократија и воопшто парламентаризмот почива врз парламентарно мнозинство и опозиција. Во суштина, тие се и политички противници кои во Парламентот преку своите програми се борат за добивање на доверба од граѓаните. Понекогаш таа доверба е повисока, понекогаш е помала, во зависност од тоа и се составува новиот парламентарен состав и влада. Сепак, без разлика на функцијата, етичките норми и интегритетот на пратеникот, на министерот или пак избраното или именуваното лице се, пред сѐ и над сѐ, приоритет и водилка за професионално, одговорно и совесно вршење на доверената должност. Сите ние мора да сме свесни дека тука сме за граѓаните, тука сме за подобрување на квалитетот на нивниот живот, за воспоставување на заемна доверба во нас и во институциите што ги претставуваме, и тоа треба да го правиме со најголемо достоинство.

Градењето на парламентарната демократија никогаш не е лесна задача. Понекогаш се случуваат и настани за кои посакуваме никогаш да не се случеле или пак настани поради кои домашната јавност и меѓународната заедница го вперуваат прстот кон нас.

Јас, во својство на претседател на Собранието на Република Македонија, уште на почетокот на мојот мандат, изјавив дека нема да дозволам да се повторат негативните настани од минатиот период, настани кои оставија темна дамка во историјата на градење на нашата млада парламентарна демократија. За тоа беше потребен натчовечки напор и огромен труд, меѓутоа со несебичен ангажман на сите политички чинители, денеска можам да кажам дека успеавме да се вратиме кон вистинските демократски процеси и стандарди кои се потребни за да се воспостави вистински политички дијалог и усогласување на ставовите за правење на реформите кои се потребни за да стигнеме таму каде што стратешки сме се определиле уште од осамостојувањето, а тоа е полноправно членство во ЕУ и НАТО. Тоа им го должиме на сите кои веруваат во нас, нашите граѓани, нашите деца, идните генерации и Република Македонија. 

Верувам дека преку денешната панел-дискусија, особено преку излагањето на уважениот професор Сукраманиен, ќе можеме да слушнеме навистина интересни работи во контекст на тоа која е улогата на парламентарниот етичар во спроведувањето и почитувањето на Етичкиот кодекс во Парламентите воопшто, и како тоа се спроведува во Националното собрание на Република Франција, а сето тоа ќе биде во прилог на тоа каков етички кодекс сакаме и ние.

Ви благодарам на вниманието! 

Click