Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Петок, 17 ноември 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери на работната средба на ИППГ на тема „Семејство за секое дете“

Почитувани гости,
Ваши екселенции,
Почитувани колеги,
Претставници на невладиниот сектор,
Дами и господа,

Кога ја читав програмата за денешната средба, а посебно темата „Семејство за секое дете“, се сетив на романот на Чарлс Дикенс, „Оливер Твист“, кој својот расказ го започнува со опишување на условите за живеење на децата без родители во едно сиропиталиште и со нивната најгруба злоупотреба. Верувам дека многу од вас го читале романот или пак гледале некоја од повеќето филмски верзии снимени според овој роман.

Од тогаш па до денес, многу работи се променети.  Променет е општествениот вредносниот систем за оваа категорија на деца, донесени се многу меѓународни документи за заштита на овие категории, пред сè благодарение на Обединетите нации и нејзината специјализирана агенција УНИЦЕФ. Акти кои денеска се вградени во националните законодавства на повеќето држави, меѓу кои и кај нас. Понатаму, социјалната и клиничката психологија, педијатријата и другите соодветни научни дисциплини, направиле големи чекори напред кога станува збор за децата од овие категории. Сепак, и тогаш, а истражувањата покажуваат дека и денес, тоа што им недостасува на децата во ваквите и слични институции е тоа што го нарекуваме семејна топлина и љубов.

Состојбите се уште полоши кога станува збор за децата со посебни потреби. За жал, сè уште се среќаваме со  предрасуди и стереотипи кои влијаат негативно врз социјалната инклузија на децата без родители, односно децата со посебни потреби.  Како држава, се определивме за деинституционализација и токму затоа, во 2008 година Владата донесе стратегија за деинституционализација, а од 2000 година има и мораториум за сместување на деца во специјалниот институт во Демир Капија, меѓутоа, судејќи по материјалите што ги добив за денешната расправа, кај нас во моментов околу 250 деца и млади се сè уште сместени во разни институции, во очајни услови. Тоа значи дека тие деца се уште не ја спознале топлината на семејниот дом, убавината на семејната љубов и грижа и значењето на поддршката и вниманието што го нуди семејството. Овој податок говори за неуспешното спроведување на оваа стратегија. Тоа значи дека некаде имаме застој, со други зборови, треба уште многу работа на ова поле, многу ангажман на сите релевантни чинители, почнувајќи од Владата, соодветните министерства, Собранието, омбудсманот, невладиниот сектор и целата заедница, со една единствена цел - Семејство за секое дете. 

Дами и господа,

Проектот „Семејство за секое дете“ е проект на Владата на Република Македонија. Собранието, може доста да стори во насока на тоа да овој процес добие и на динамика и на квалитет. Тука, пред сè, мислам на законодавниот процес, меѓутоа, исто толку важна е, и надзорната улога. Верувам дека, и како држава, и како општество, а пред сè како индивидуи, сите сме свесни дека се работи за нашите најмили, се работи за најмладите и најбеспомошните. Во таа смисла, сакам да изразам особена благодарност до колегите, членови на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со посебни способности, група која, иако формирана во јуни оваа година, досега покажа навистина голема посветеност со бројни активности и конкретни резултати.  Верувам дека и денеска ќе имате успешна и плодна работа и се надевам дека тоа што ќе ни го презентираат нашите гости од УНИЦЕФ, ќе знаеме да го вградиме и имплементираме во проектот „Семејство за секое дете“.

Ви благодарам.