Собраниско раководство

Среда, 15 ноември 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери на Регионалната конференција на Мрежата на парламентарни комисии за економија, финансии и евроинтеграции на Западен Балкан

Почитуван претседавач, 
Почитувани колеги пратеници,
Екселенции, 
Почитувани присутни,
Дами и господа,

По правило, ноември и декември во сите држави се месеци кога во парламентите се водат на моменти и жестоки расправи околу буџетот за следната година. Затоа, мислам дека ова е вистинскиот тајминг за  денешната конференција на која тема на расправа е „Парламентите од Западен Балкан и Буџетскиот надзор“. Би сакал на самиот почеток да изразам задоволство што Мрежата на парламентарните комисии за економија, финансии и евроинтеграции на Западен Балкан, поддржана од Вестминстер фондацијата за демократија и  Светската банка, ја организираат оваа конференција од која верувам дека сите ние ќе понесеме позитивни сознанија и искуства. Инаку, оваа мрежа денеска вклучува 25 комисии од Парламентите на Албанија, БиХ, Македонија, Црна Гора, Косово и Србија, а јас лично мислам дека претставува значајна алатка во процесите на евроинтеграција на државите од регионов.

Дами и господа,

Една од темелните функции на секој парламент, покрај законодавната, е и надзорната функција. Не сакам да давам оценки за другите држави во регионот, меѓутоа токму надзорната функција на парламентот, барем кај нас, ја нема онаа димензија која ја имаат парламентите во високо развиените демократски држави. Оваа надзорна улога е особено важна кога станува збор за Буџетот, бидејќи тој се полни пред сè од граѓаните, а ние сме пратеници избрани во парламентот токму од граѓаните. Затоа, наша законска, но и демократска обврска, е да вршиме транспарентен надзор на тоа како се трошат народните пари и дали преку буџетот се задоволуваат интересите и потребите на граѓаните, сфатено во најширока смисла на зборот и дали со буџетот се обезбедува стабилна сегашност и развојна иднина.

Верувам дека во претстојните два дена вие ќе дадете конкретни одговори и насоки на сите овие прашања и дилеми. А се надевам и дека тие одговори и насоки, нема да останат само на хартија, туку веќе во текот на усвојувањето на буџетите во националните парламенти, а посебно во нивната реализација, ќе бидат и практично имплементирани.

На крајот, уште еднаш ви посакувам успешна работа, пријатен престој кај нас, меѓутоа и охрабрување за Мрежата на парламентарните комисии од државите од регионот, заедно со нашите одамна докажани поддржувачи и пријатели од Вестминстер фондација за демократија, да продолжат со своето делување, кое, како што реков, има позитивна улога во евроинтеграциските процеси на државите од регионот.

Ви благодарам на вниманието!

Click