Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Среда, 13 декември 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери на Завршната конференција на Евроатлантскиот совет на Македонија по повод Проектот „Зајакнување на младинскиот дијалог за промоција на демократските процеси во светлината на евроатлантските интеграции“

Почитуван претседател на Влада на Република Македонија г. Зоран Заев,
Почитуван претседател на Евроатлантскиот совет на Македонија, г. Исмет Рамадани,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Дозволете на самиот почеток да ви го честитам јубилејот,  дваесет години од формирањето на Евроатлантскиот совет на Македонија. Период во кој вие како невладина организација се етаблиравте како многу значаен општествен субјект во остварувањето на нашата стратешка определба, а тоа е целосна интеграција во НАТО и Европската Унија.

Почитувани пријатели, 

Ова не го велам од некакви куртоазни или протоколарни правила, туку го мислам најискрено. Имено, додека ја извршував функцијата Министер за одбрана на Република Македонија, добро го запознав вашето делување и имавме многу добра и ефикасна соработка.

Како што веќе споменав на почетокот на мојот говор, Република Македонија, од осамостојувањето како свои стратешки определби ги дефинира членството во НАТО и ЕУ. Тоа се определби за кои и тогаш, а и сега, имаме политички консензус и широка поддршка од јавноста, односно граѓаните на Република Македонија. Сакам само да ве потсетам на последната анкета која ја направи ИРИ, според која поддршката за евроатланските интеграции е над 80 проценти.

Сите ги знаеме причините зошто на самитот во Букурешт не станавме полноправна членка на НАТО. Имаме спор и ние како политичари сме должни да го решиме. На тоа не обврзува искажаната волја и определба на граѓаните. Јас сум убеден дека актуелната влада и ова парламентарно мнозинство, многу сериозно, и јас би рекол политички решително, го започна процесот со кој се враќаме повторно на колосекот на Евроатлантските интеграции. 

Само погледнете што се случува оваа недела во Брисел! Македонија ја презентира пред Комитетот на заменици постојани претставници на мисии на земјите членки на НАТО,  Годишната национална програма 2017-2018 година за членство во НАТО, со што започнува 18. циклус на Акцискиот план за нашето членство. Програма која од страна на Комитетот е оценета како многу добра. Во исто време, после неколкугодишна пауза, се одржа средба на преговарачките тимови на Македонија и Грција  со посредникот Нимиц, околу спорот со името. 

Зад овие позитивни трендови стои само една алатка, а тоа е - дијалогот. Дијалог на внатрешен план, меѓу политичките субјекти, дијалог со експертската јавност, со невладиниот сектор, дијалог и отвореност до медиумите. Во исто време, отворивме процеси на дијалог со соседите, со што создаваме атмосфера на доверба. На тој начин, започнуваат и процесите на решавање на отворените прашања, а сето тоа води кон поголема стабилност на Регионот и неговата евроатлантска перспектива. Исто така, започнат е искрен и отворен дијалог со Брисел и Вашингтон, односно нашите стратешки партнери. 

Една од клучните улоги на евроатлантскиот совет на Македонија ја гледам токму во јакнењето на дијалогот на сите рамништа. Особено сакам да ја истакнам, но и да апелирам до сите институции, за целосна поддршка на вашата акција за „Зајакнување на младинскиот дијалог за промоција на демократските процеси во светлината на евроатлантските интеграции“. Имено, со оваа ваша акција, вие целите кон младите и нивните здруженија и асоцијации,  со што ја поттикнувате младата генерација да го научи и да го прифати дијалогот како една од основните вредности и принципи врз кои почива демократијата. А без демократија, сфатена во најширока смисла на зборот, тешко ќе можеме да ја оствариме нашата стратешка цел, а тоа е членство во НАТО и ЕУ, а со тоа и внатрешна стабилност и просперитет. Понекогаш, како млада демократија, забораваме дека политичарите не се вечни. 

Затоа, на крајот, сакам уште еднаш да ја изразам мојата поддршка на Вашата Конференција и да ве уверам дека Собранието и јас лично, секогаш ќе бидеме отворени за вакви и слични ваши активности, кои се во функција на просперитетот на државата во целост. Активности кои водат кон јакнењето на улогата на младите во сите општествени процеси, во креирањето на јавните политики, а посебно во реализацијата на нашата стратешка определба за целосна интеграција во евроатлантските структури.

Ви благодарам на вниманието.