Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Среда, 30 мај 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери по повод Свеченото одбележување на 20 години Народен правобранител на Република Македонија 

Почитуван претседател на Владата на Република Македонија, г. Зоран Заев,
Почитуван народен правобранител Мемети,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Човековите права и слободи се принципи и стандарди врз кои се гради сегашноста, а јас мислам и иднината на човековата цивилизација. Токму затоа, во секое демократско општество, во секоја демократска држава во која имаме владеење на правото, овие права се штитат и се надградуваат. 

Во рамките на таа заштита на човековите права и слободи, во далечната 1809 година, зборот Омбудсман, што всушност е шведски збор и во слободен превод значи „лице за поплаки“ , за прв пат се употребува во современо значење на зборот кога Шведскиот парламент ја основа канцеларијата на  Јуститиеомбудсман, со цел како институција да ги заштити граѓаните и нивните права кои најчесто се повредуваат токму од државата и државните институции. 

Во Европа, институцијата омбудсман почнува да се воспоставува по Втората светска војна. По паѓањето на Берлинскиот ѕид, институцијата Омбудсман влегува во уставно правниот систем во државите од средна и источна Европа, а кај нас омбудсманот, односно народниот правобранител, е формиран точно пред дваесет години.

Во овие 20 години, ако малку ја погледаме статистиката, до народниот правобранител се обратиле над 123 илјади граѓани. Ова зборува за тоа дека институцијата Народен правобранител кај нас станала препознатлива за граѓаните, а со своето работење стекнала и доверба во пошироката јавност кога станува збор за заштита на уставните и законските права на граѓаните, кога тие им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Фактот дека народниот правобранител, според Уставот и законот не е дел ниту од извршната, ниту од законодавната, ниту од судската власт, му обезбедува целосна независност ви-за-ви која било државна институција. Исто така, факт е дека во овие дваесет години на постоење и работење, Народниот правобранител се потврди како независна и високо професионална и стручна институција, која во своето работење поаѓа од принципите на еднаквост во заштитата на правата и слободите на граѓаните, без разлика на пол, боја, раса, вера политичка припадност и слично.

Дами и господа,

Човековите права и слободи се динамична категорија, но во исто време и многу ранлива категорија. Затоа, би било фарса ако заштитата на човековите права ја сведеме само на институцијата Народен правобранител. Не сакам да зборувам за другите државни институции, меѓутоа како претседател на Собранието би сакал да споделам некои размислувања околу местото и улогата на Парламентот во заштита на човековите права и слободи. Секако, тука е законодавната димензија на Парламентот, односно носење на квалитетни закони, особено кога тие задираат во сферата на човековите права и слободи. Понатаму, надзорната функција на Собранието треба, исто така, да биде искористена во функција на поголема заштита на човековите права. Само да потсетам дека Собранието кое го избира народниот правобранител и кое секоја година го разгледува и усвојува извештајот за работата на народниот правобранител, токму преку тие извештаи може да ја насочи својата надзорна улога во функција на заштита и остварување на човековите права. И кога веќе ги спомнав годишните извештаи на народниот правобранител, мислам дека би било добро ако тие извештаи, по усвојувањето во Собрание, станат еден вид прирачник во работењето на секоја државна институција, без разлика дали станува збор за извршната или судската власт. Понатаму, овие извештаи, според мене, би требало да станат и дел од стручната литература на факултетите за правни и политички науки.

Посебна одговорност и улога во заштитата на човековите права има невладиниот сектор, потоа медиумите и другите општествени субјекти. Односно, потребно е сите заедно да работиме на подигањето на свеста и одговорноста на секој поединец и на секоја институција дека човековите права и слободи треба да се почитуваат, да се штитат и развиваат, бидејќи тие се темелот на демократијата. Затоа и денешното свечено одбележување на дваесетгодишнината од воспоставувањето на институцијата Народен  правобранител,  треба да ни биде пред сè поттик за многу поголемо и поефикасно почитување на човековите права и слободи од страна на државните институции. А со тоа, и враќање на довербата на граѓаните во институциите на државата, без разлика дали станува збор за извршната, законодавната или судската власт.

На крајот, би сакал на Народниот правобранител уште еднаш да му го честитам овој јубилеј и да порачам во име на Собранието како институција и во име на сите 120 пратеници дека ние секогаш ќе бидеме отворени за која било иницијатива која ќе дојде од Ваша страна, а е во функција на јакнењето на човековите права и слободи.

Ви благодарам за вниманието!