Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Среда, 2 август 2017 година

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери по повод 2 Август, Ден на Републиката

Дами и господа,
Почитувани претставници од Владата на Република Македонија, 
претставници од Кабинетот на Претседателот,
од Министерството за одбрана,
Почитувани колеги од сегашниот и од претходните состави на Парламентот, 
Екселенции,
Претставници на верските заедници,
Претставници на Сојузот на борците,
Почитувани граѓани

Денеска сме овде на Мечкин Камен, да оддадеме почит на хероите Илинденци кои овде ги положија своите животи и со тоа се вградија во сегашноста која сите ја живееме. Да се поклониме пред авторите на Крушевскиот манифест, документ напишан пред сто и четиринаесет години но актуелен и денес. Дозволете да цитирам еден дел од него. 

„Елате браќа муслимани при нас, да тргниме протиф вашите и наши душмани! Елате под бајрако на „Афтономна Македонија. Македонија е заедничка наша мајка и викат за помош. Елате да скршиме синџирите на ропството, да се куртулиме от маки и страданија. Мили наши комшии, како Турци, Арнаути елате при нас браќа, да си слејме душите и срцата и да се спасиме, та ние и нашата чељат и пречељат да живеат мирно, да си работат спокојно и да напредуваат“…

Со ова водачите на Илинденското востание, Никола Карев, Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули и други знајни и незнајни херои покажале дека имале високо развиени цивилизациски вредности и принципи за заедништво, толеранција и почитување на човековите права и слободи, без разлика на вера, е.ничка припадност, пол или социјален статус. Мислам дека сите ние кои денес живееме во оваа наша заедничка држава, треба да бидеме горди што пред повеќе од еден век нашите предци зборувале и се бореле за слобода, за почитување на човековите права, за соживот и толеранција, за мултикултурно и мултиетничко општество.

Почитувани пријатели,

Некој ќе рече дека од историјата не се живее. Тоа е точно меѓутоа, да не заборавиме дека историјата на своевиден начин ја детерминира и сегашноста а и ние како поединци сме историски детерминирани. Токму таа историска детерминација која се темели врз цивилизациски вредности и принципи на првите илинденци, била мотивација а јас би рекол и завет на Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците  и многу други во 1941 година кои повторно заедно со пушка во рака се бореле и се избориле за својата слобода, но и за победа врз најголемото зло на дваесеттиот век, фашизмот. Сакам да го истакнам фактот дека духот на Крушевскиот манифест, провејува во текот на целата народноослободителна борба а се материјализира и во нашиот втор Илинден, односно во документите на АСНОМ од 1944 година. Документи во кои јасно се дефинирани општите и посебните човекови права и слободи, јасно се дефинира мултиетничкиот, мултикултурниот и мулти конфесионалниот карактер на нашата држава. Тоа што е особено важно е фактот што со документите на АСНОМ, јасно е дефинирано правото на самобитност втемелено врз принципите на самоопределување, односно Република Македонија за прв пат се конституира како рамноправна република во рамките не федерална Југославија. Таа вековна желба, па ако сакате и вековен сон за самостојна држава Македонија како татковина на Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците  и  сите други нејзини граѓани продолжи да се сонува, а се оствари на 8-ми Септември 1991 година со референдумот за самостојна и независна држава. А онаа константа која е втемелена во Крушевскиот манифест за мултиетничкиот, мултикултурниот и мулти конфесионалниот карактер на нашата држава е потврдена и во Уставот на Република Македонија.

Дами и господа,

Во овие дваесет и шест (26) години самостојност, сите заедно поминавме низ повеќе премрежија и кризи. Сепак, тоа што е најважно е фактот што тие премрежија и кризи кај граѓаните, без разлика на нивната етничка, верска, политичка или која било друга разлика, не го нарушија духот на заедништво, на соживот. Вредности кои се потврдиле низ нашата заедничка историја а кои се потврдуваат и во секојдневието, бидејќи ние сме знаеле и знаеме заедно да ги споделуваме и убавите, и помалку убавите моменти кои ги носи животот. Ние имаме една заедничка татковина Република Македонија, и сите ние сме одговорни да ја зачуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Во исто време, сите ние кои живееме тука или барем мнозинството граѓани, споделуваме уште една заедничка определба па ако сакате и сон, а тоа е целосна интеграција во ЕУ и НАТО.

За жал, на патот на остварување на нашите стратешки определби и нашиот заеднички сон стои спор за кој што верувам дека го знаете сите а го знае и меѓународната јавност. Имаме отворено прашање со нашиот јужен сосед, меѓутоа јас сум оптимист и сум длабоко уверен дека доколку сите ние пристапиме максимално сериозно и зрело на барањето и изнаоѓањето на решение за надминување на овој реално присутен проблем, ќе се искачиме скалило погоре на скалата на политичката зрелост и одговорност. Актуелното парламентарно мнозинство и актуелната Влада посветено работат во насока на решавање на ова отворено прашање, во насока на затворање на други отворени прашања со цел што побрзо да може да се посветиме сите на реформите кои се потребни доколку сакаме да се вратиме на таканаречената брза пруга за членство во НАТО и почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ. 

Во мисли го имам пред сè развојот на добрососедските односи во регионот, а во тие рамки, значаен чекор напред е договорот за добрососедски односи со Република Бугарија. Договор кој вчера го потпишаа премиерите на владите на Република Македонија и Бугарија , господата Зоран Заев и Бојко Борисов. Се надевам дека овој договор релативно брзо ќе биде ратификуван во двата парламента, а со тоа верувам дека и како соседи ќе направиме значаен чекор напред во билатералните односи, како и во јакнењето на стабилноста во регионот и неговата Евроатланска перспектива. 

Почитувани сограѓани,
Дами и господа, почитувани пријатели,

Периодот кој следи, налага многу работа и сериозни а можеби на прв поглед и тешки одлуки и решенија, кои во еден разумен рок ќе ја покажат придобивката за сите граѓани. Собранието на Република Македонија, тука мислам на сите сто и дваесет (120) пратеници и на администрацијата, има капацитет а верувам и политичка волја да ја исполни својата обврска која произлегува од владиниот План познат како 3-6-9. Убеден сум дека и другите столбови на власта, извршната и судската, исто така имаат капацитет да ги реализираат своите обврски. Сакам да верувам дека последната политичка криза не научи дека не смееме повеќе да ги повторуваме сопствените грешки и да продолжиме да живееме во маѓепсан круг кој се манифестира со нестабилна сегашност и нејасна иднина. Верувам дека сите ние полека но сигурно ги надминуваме некои антагонизми кои немаат корени во нашата заедничка историја, во нашиот вековен соживот и толеранција, а уште помалку во нашите определби за подобра иднина во рамките на европското семејство. Тоа го должиме на сите претходни генерации кои своите животи ги положија за денешна слободна и независна Република Македонија, но, уште повеќе тоа го должиме на идните генерации.

Ви Благодарам.