Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Среда, 18 октомври 2017 година, Санкт Петербург

Промовирање на културен плурализам и мир преку интеррелигиски и интеретнички дијалог

Почитуван претседавач,
Почитувани колеги,
Дами и господа,

Нашата планета земја опстојува и е убава пред сè, заради природниот биодиверзитет. Јас лично верувам дека исто толку важен за опстанокот на планетата земја е, етничкиот, културниот, јазичниот и религиозниот диверзитет, односно различности кои ја создаваат и ја движат човековата цивилизација. Факт е дека, денешниот цивилизациски развој во сите области, од технологијата па сè до уметноста, се темели токму врз таа културна, етничка и јазична разноликост. Ова е посебно важно денеска, кога сме сведоци на процесите на глобализација во кои сè повеќе се покажува меѓусебната поврзаност, но, и зависност на најразличните култури, етникуми или религии. Тоа е поврзаност која се манифестира преку различни форми. Сепак, за жал, тука се соочуваме и со одредена контрадикторност. Од една страна, почитувањето на таа културна, етничка, јазична или верска различност, и нивната целосна инклузивност води кон развој и благосостојба на секое општество, држава, регион и развој на глобално ниво. Од друга страна, сведоци сме дека токму таа културна, етничка, јазична или верска различност, предизвикува интолеранција, ксенофобија и најразлични форми на екстремизам насочени кон другите, различните. А не морам посебно да истакнам дека сето тоа го загрозува мирот, кој е неделива категорија. Верувам дека причината за судирот меѓу различните цивилизации не треба да ја бараме во културните, етничките, јазичните или, пак, религиските разлики, туку во отсуството на дијалог помеѓу нив. Почитувањето на етничката, културната, јазичната и верската разноликост и создавањето на услови за нивен развој, денеска се дел од општите човекови права и слободи, односно принципи и стандарди кои се вградени во многу меѓународни акти и документи почнувајќи од Повелбата на ОН, потоа Универзалната конвенција за човековите права и слободи, ќе ја споменам Универзалната декларација за културниот диверзитет на УНЕСКО и така натаму. Со чинот на ратификација овие меѓународни документи стануваат и дел од националниот правен систем на државите членки на ОН. Токму затоа и нашата асоцијација повеќе пати има расправано на оваа тема, а донесени се и повеќе документи и декларации кои се однесуваат на ова прашање. Меѓу нив е Декларацијата усвоена на седница на Асамблејата на ИПУ во 2012 година, одржана во Квебек. Во сите овие документи кои ги спомнав, основна алатка за надминувањето на можните недоразбирања или појавата на интолеранција, ксенофобија и екстремизам треба да биде дијалогот, а местото каде што треба да се решаваат проблемите е, пред сè, парламентот, имајќи ги предвид неговите три основни функции, законодавната, претставничката и надзорната функција.

Почитувани пријатели,

Мојата држава, Република Македонија, денес гради вистинско мултикултурно, мултиетничко и мултиконфесионално општество во кое преку инклузивноста на различностите, создаваме услови за економски, социјален и културен развој на секој поединец и на секоја етничка заедница. Во 2001 година бевме на прагот на вистинска граѓанска војна помеѓу двете најголеми етнички заедници, сепак, со помош на нашите меѓународни пријатели и преку дијалог, успеавме да избегнеме поголеми воени судири кои би имале трагични последици за сите граѓани. Да не заборавиме дека во нашиот регион познат како Западен Балкан, токму таа нетолерантност и обидите за наметнување на ексклузивност на една етничка заедница врз друга, на една култура врз друга, како и ширењето на верска нетрпеливост, доведе до големи воени судири по распадот на некогашна Југославија, со рани кои предизвикуваат болка и ден денеска. И да разјаснам, таа ексклузивност и таа, најблаго речена нетолерантност кон другиот, кон различниот, не се врзуваше за одредена етничка заедница туку за конкретни политички елити. Сепак, убеден сум дека сите ние, во рамките на своите држави а и на ниво на регион, научивме дека различноста, културна, етничка, јазична или верска, треба да се почитува и потребна е целосна инклузивност ако сакаме да обезбедиме стабилност и развој на секоја држава поединечно и на регионот во целост. Токму за таа цел, Македонија во последната декада беше организатор на неколку меѓународни конференции посветени на меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, со што активно придонесуваме во стабилноста на регионот и пошироко.

Дами и господа,

Ова не значи дека сме ја завршиле работата. Имено, мигрантската криза предизвикана од воените судири на Блискиот Исток и делувањето на таканаречената Исламска држава, претставуваат многу сериозни предизвици кои ја потхрануваат интолеранцијата, ксенофобијата и појавата на екстремизам. Сега е моментот кога ни е најпотребен дијалог и соработка, за да можеме успешно да се справиме со овие предизвици. Во тој дијалог и соработка треба да бидат вклучени сите национални и меѓународни институции, како и невладиниот сектор, доколку навистина сакаме успешно да се справиме со овие предизвици а притоа, почитувајќи ги принципите и стандардите на човековите права и слободи.

Почитувани пријатели, да не заборавиме дека ние припаѓаме на различни религии, дека ние имаме различна боја на кожата, зборуваме различни јазици и имаме различна култура, но во суштина, сите ние припаѓаме на единствената -  човекова раса. 

We may have different religions, different languages, different color of skin, but we are all belong to one human race. 

Ви благодарам!