Соопштенија

Петок, 6 јули 2018 година

Собраниска делегација на 27. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ

Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) во состав: г. Владимир Ѓорчев, шеф на Делегацијата, г-ѓа Јагода Шахпаска и г. Реџаиљ Исмаили, членови  на Делегацијата, ќе учествува на 27. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ, што ќе се одржи од 7 до 11 јули 2018 година во Берлин, Сојузна Република Германија. 

Главна тема за дискусија на Годишната сесија е: „Имплементација на заложбите на ОБСЕ: улогата на парламентите“. На Сесијата се очекува учество на околу 300 пратеници од 57 земји учеснички и партнери за соработка на ОБСЕ од Европа, Северна Америка, Централна Азија, Блискиот Исток и Северна Африка. 

Во рамките на годишната сесија ќе се одржат седници на трите комисии на Парламентарното собрание на ОБСЕ: Комисијата за политички прашања и безбедност, Комисијата за економски прашања, наука, технологија и животна средина и Комисијата за  демократија, човекови права и хуманитарни прашања, седница на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на ОБСЕ, пленарна седница и други придружни настани. Во дневниот ред се вклучени прашања во врска со борбата против тероризмот, климатските промени, миграцијата и пристапот до образованието, кризата во и околу Украина, долготрајните конфликти, влијанието на војните врз животната средина и обновата на довербата во регионот на ОБСЕ. Освен трите основни резолуции, кои ќе бидат презентирани од известувачите на комисиите, во дневен ред на Сесијата се вклучени и дополнителни точки, кои се однесуваат на почитувањето на човековите права во Крим, борбата против трговијата со луѓе и родово-базираното насилство, градењето на ефикасна рамка за заштита на децата мигранти, реформа и управување со безбедносниот сектор, зајакнување на видливоста на Парламентарното собрание на ОБСЕ и сл. 

Пред пратениците на Годишната сесија на ПС на ОБСЕ ќе се обратат: г. Волфганг Шојбле, претседател на Германскиот Бундестаг, г. Георге Церетели, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ, г. Олаф Шолц, вицеканцелар и сојузен министер за финансии на Германија, г. Гуљиелмо Пики заменик министер за надворешни работи на Италија, претставник на Италијанското претседателство со ОБСЕ, г. Томас Гремингер, генерален секретар на ОБСЕ и други. 

Се очекува на Сесијата да биде усвоена „Декларација од Берлин“, со препораки за широк спектар на прашања во полето на политиката, економијата, животната средина и човековите права, упатени до ОБСЕ и земјите учеснички.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.