Соопштенија

Понеделник, 2 октомври 2017 година

Собраниска делегација на Есенската сесија на ПС на ОБСЕ

Делегација на Собранието на Република Македонија, во состав: Владимир Ѓорчев, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ); Јагода Шахпаска и Фадил Зендели, членови на Делегацијата, ќе учествува на Есенската сесија на ПС на ОБСЕ, што ќе се одржи од 3 до 5 октомври 2017 година во Андора. 

На сесијата се очекува учество на околу 200 пратеници од земјите учеснички и партнерите за соработка на ОБСЕ. 

Се очекува пред пратениците да се обратат: г. Висенц Матеу Замора, претседател на Парламентот на Андора; г-ѓа Кристин Мутонен, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ; г. Антони Марти Петит, премиер на Андора; г. Ксавиер Еспот Замора, министер за правда, внатрешни работи и социјални прашања на Андора; г-ѓа Силвиа Калво Арменгол, министер за животна средина, земјоделство и траен развој на Андора; г. Хенрик Виладсен, директор на Високиот комесаријат за национални малцинства на ОБСЕ; како и други високи фунционери на земјата домаќин и на ОБСЕ. 

Во рамките на Есенската сесија ќе се одржат: Парламентарна конференција на тема: „Безбезноста во областа на ОБСЕ: нови предизвици и нови задачи“; седница на Постојаниот комитет на ПС на ОБСЕ и Медитерански форум. Во дневниот ред се вклучени прашања во врска со сајбер безбедноста, климатските промени и образованието.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска со политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.