Активности

Петок, 9 февруари 2018 година, Вашингтон

Средба на пратеникот Груби со г. Метју Палмер

Првиот собраниски човек за пријателство со САД, пратеникот Артан Груби, воедно и претседател на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, оствари работна средба во Стејт Департментот, во Вашингтон, со в.д. заменик-помошникот државен секретар, г. Метју Палмер. 

На срдечната средба се разменија гледишта околу спорот со името, реформите, Охридскиот договор, борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, како и општата политичка ситуација во Македонија и регионот.

Господин Палмер нè охрабри да продолжиме да се движиме нанапред затоа што овие времиња се предизвикувачки за двете страни и сите треба да се издигнат над дневната политика. 
Државноста бара храброст и компромиси - истакна високиот претставник на Стејт Департментот додека го поздрави напредокот во реформите, но ја нагласи потребата за спроведување на законите, посебно во сферата на судството. 
САД ја поддржува целосно Македонија во напорите за надминување на споровите со соседите и усвојување на реформите. 

Груби истакна дека Македонија ја цени досегашната поддршка на САД на политички и на економски план, но во духот на новите позитивни процеси во земјата кои најавуваат оптимистични прогнози за забрзана интеграција на земјите од регионот, побара да се валоризираат напорите на Скопје за реализирање на бараните реформи со забрзано зачленување во НАТО. 

Парламентарното мнозинство, но и граѓаните на Македонија, со посветеност работат на исполнување на очекувањата од меѓународната заедница, и очекуваме дека и пријателите од Вашингтон,  исто така ќе испорачаат догодина во согласност со нашите стремежи.

Груби информираше за напредокот во спроведувањето на реформите, при што како приоритетни ги посочи судските реформи и реформите од корпусот на владењето на правото и безбедносниот систем.

Во однос на преговорите за спорот со нашиот јужен сосед, Груби ги елаборираше ставовите врз основа на идеите на Нимиц, при што ја побара поддршката на САД за постигнување на заемно прифатливо и достоинствено решение.