Активности

Петок, 29 септември 2017 година

Интерпарламентарна конференција на тема: „Независна и современа јавна администрација“

Делегација на Собранието на Република Македонија составена од пратениците: г. Хари Локвенец, г. Петар Атанасов и г-ѓа Невенка Стаменковска, вчера и денеска учествува на Интерпарламентарна конференција на тема: „Независна и современа јавна администрација”, во организација на Парламентот на Црна Гора и на Европскиот парламент, што се одржува во Даниловград, Црна Гора.

На Интерпарламентарната конференцијата на која учествуваат европратеници, и членови на разни комисии во рамките на Европскиот парламент, претставници на парламентите на земјите од Западен Балкан и Турција, свое воведно обраќање имаа потпретседателот на Европскиот парламент г. Ричард Чарнески;  претседателот на Парламентот на Црна Гора, г. Иван Брајовиќ; министерот за јавна администрација од Црна Гора, г-ѓа Сузана Прибилович; амбасадорот на Европската Унија во Црна Гора, г. Аиво Орав и г-ѓа Ратка Секулович, директор на Регионалната школа за јавна администрација. 

Една од главните теми на расправа беа европските принципи за јавната администрација поврзани со реформата во јавната администрација, како една од фундаменталните политики за проширувањето на ЕУ.

На Интерпараламентарната конференцијата беше искажана целосна поддршка за подобрување на јавната администрација, сè со цел за подобра интеграцијата на државите од Западен Балкан и Турција во Европската унија. Исто така, беа повикани европските институции да ја забрзаат интеграцијата на Западен Балкан и Турција, бидејќи регионот ѝ припаѓа на Европа, а државите прават големи напори кон пристапувањето и мораат да бидат охрабрени на тој пат. Европската Унија треба да стои рамо до рамо со државите на Западен Балкан и Турција на нивниот пат, со цел да се исполнат сите критериуми што се потребни во согласност со европските стандарди и капацитетите на државите апликанти. 

Во расправата учесниците имаа свои излагања во врска со потребните подготовки на парламентите за пристапни преговори и во тие рамки развојот на потребните административни структури и капацитети за поддршка на овој процес.