Активности

Понеделник, 4 декември 2017 година

Јакнењето на пријателството и соработката меѓу Македонија и Индонезија е придобивка за граѓаните на двете земји 

Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Индонезија и Комисијата за надворешна политика остварија поединечни средби со Делегација од Групата за билатерална соработка со Република Македонија на Претставничкиот дом на Република Индонезија, предводена од заменик-претседателот, г. Абдул Малик Харамаин. 

На средбата со Индонезиската делегација, како дел од Пратеничката група за соработка од Собранието на Република Македонија присуствуваа претседателот на Групата, г. Јусуф Хасани и членовите: г. Ферид Мухиќ и г-ѓа Мирсада Емини-Асани. 

Во своето поздравно излагање, г. Хасани ѝ посака добредојде на Индонезиската делегација и упати благодараност на напорот за реализација на оваа средба. Односите меѓу двете земји се пријателски, ова е втора посета на индонезиска делегација, со надеж за понатамошна парламентарна соработка на двете држави на реципрочно ниво. 

За Македонија, Индонезија е ценет пријател и значаен во односот на мултилатералната соработка, особено во рамките на ОН, како и благодарност за признавањето на уставното име на Република Македонија од страна на Индонезија - посочи Хасани.

Заменик-претседателот, г. Абдул Малик Харамаин, изрази благодарност за гостопримството и можноста за почеток на дијалогот, јакнење на пријателството и соработката меѓу двете Парламентарни групи, кои ќе се придобивка за граѓаните што живеат во Македонија и Индонезија.

И покрај тоа што двете земји имаат 24-годишна историја на соработка, тој посочи дека има уште области кои може да се развиваат, во поглед на индустријата, образованието, како и информатичката технологија. За Индонезија, Македонија има стратешка положба и затоа е битно да стане членка на Европската Унија.

Присутните се согласија дека економската соработка е исто така доста значајна и од тој аспект изразија надеж дека во иднина двете земји ќе развијат цврста соработка, посебно во трговската размена, Македонија и понатаму останува посветена на реформите, како и стратешката определба за членство во НАТО алијансата и ЕУ семејството.

Исто така, беше поздравено разгледувањето на Меморандумот за разбирање меѓу Претставничкиот дом на Република Индонезија и Собранието, кој во моментот се усогласува во индонезискиот Директорат за меѓународно право.Ова е од големо значење за билатералната соработка меѓу двата парламента и јасен сигнал за натамошното јакнење на севкупните односи. 

На средбата со Комисијата за надворешна политика учествуваа пратениците: г-ца Ивана Туфегџиќ, во улога на претседавач; г-ѓа Лилјана Поповска, г. Илија Николовски, г-ѓа Татјана Прентовиќ, г-ѓа Ирена Стефоска и г-ѓа Маја Морачанин.

Пратеничката Туфегџиќ, заблагодарувајќи се за средбата, ги запозна гостите со актуелната политичка состојба и мултиетничкиот карактер на земјата, како и предизвиците на реформскиот пат кон ЕУ и НАТО, како стратешка цел на земјата. Таа укажа дека треба да се зајакне економската соработка, Македонија да го искористи тамошниот пазар за пласирање на производи, со оглед на тоа што Индонезија е 16-та најголема економија во светот.

На средбата стана збор и за процентуалната застапеност на пратеничките во парламентот и можноста за идна соработка во полето на правата на жените. Исто така, присутните се сложија дека евентуалното укинување на визниот режим, би отворило можности за туризам и приближување на народите со различни култури. 

Индонезиската делегација изрази задоволство од посетата, со надеж дека оваа средба ќе биде продуктивна и ќе придонесе за продлабочување на соработката меѓу државите, парламентите и бизнисите.

Click