Активности

Понеделник, 6 ноември 2017 година, Белград

Кузмановска: Парламентите треба да ја имаат функцијата контролор на трошењето на јавните средства од страна на извршната власт

Во организација на Глобалната организација на пратениците против корупцијата (GOPAC), Делегација на Собранието на Република Македонија во состав: г-ѓа Лилјана Кузмановска, претседател на Комисијата за финансирање и буџет, г. Васко Ковачевски и г-ѓа Владанка Авировиќ, членови на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија учествува на регионален парламентарен состанок на тема: "Иновативни средства за надзор и неформални платформи на пратениците за зголемен надзор и транспарентност: презентација на портал за надзор над јавните финансии". Состанокот се одржува во Белград, во Народното Собрание на Република Србија на 6 и 7 ноември 2017. На состанокот беа разменети мислења за механизмите кои им стојат на располагање на пратениците за контрола врз трошење на јавните средства како и за имплементација на антикорупциското законодавство и функциите на државните институции надлежни за борба против корупцијата.

На состанокот свое излагање имаше г-ѓа Лилјана Кузмановска,  претседател на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија при што истакна дека транспарентноста во трошењето на јавните средства претставува значајна алатка која треба да придонесе за одговорно управување со јавните финансии. Парламентите треба да ја имаат функцијата контролор на трошењето на јавните средства од страна на извршната власт и за таа цел националните парламенти потребно е да располагаат со механизми кои ќе им ја овозможат контролната функција. Во Собранието на Република Македонија, пратениците имаат на располагање неколку механизми за вршење на контролната функција како што е активното вклучување на пратениците (членови на надлежната Комисија за финансии и буџет) во сите фази од подготовка на Буџетот за наредната фискална година преку одржување на состаноци со претставници од Министерството за финансии; директниот телевизиски пренос на седниците на кои се разгледува Предлогот на Буџетот овозможува запознавање на јавноста за начинот на трошење на јавните средства; Собранието на  Република  Македонија го разгледува Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на  Државниот завод за ревизија  и усвојува заклучоци. 

Контрола врз Буџетот на Република Македонија се врши и преку Завршната сметка на Буџетот, а согласно одредбите на Деловникот на Собранието на Република Македонија, контрола врз Буџетот може да се врши и преку институтот „пратенички прашања".

Исто така, го истакна значењето на борбата против корупцијата и имплементацијата на антикоруциското законодавство во Република Македонија кое е регулирано со Законот за спречување на корупцијата, Законот за спречување судир на интереси, Законот  за лобирање и Законот за заштита на укажувачи. Во своето излагање, г-ѓа Лилјана Кузмановска ги наведе и надлежностите на Државната комисија за спречување на корупцијата на Република Македонија.

Click