Активности

Сабота, 14 април 2018 година, Љубљана

Обраќање на претседателот Џафери на Конференцијата на Процесот за соработка на Југоисточна Европа

Почитуван претседавач,
Почитувани колеги,
Дами и господа

Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) е формиран во 1996 година како регионален форум за земјите од Југоисточна Европа. Не треба да потсетувам дека во последната декада на дваесеттиот век, државите од Југоисточна Европа поминуваат во еден многу интензивен и длабок општествено-економски процес на транзиција. За жал, во некои региони како што е Западен Балкан, тие процеси доведоа до бесмислена војна која предизвика страдање на стотици илјади луѓе. Тука, се изродува главната цел на овој форум, а таа е продлабочување на соработката меѓу земјите учесници во процесот за зачувување на мирот и стабилноста, како и зајакнување на свеста за нашата европска историска припадност, но и иднина. Во овие години на делување, верувам дека сите ние ја  научивме историската лекција дека, војните не ги решаваат проблемите и отворените прашања туку пред сè, дијалогот и соработката. Во исто време, имајќи ги предвид тогашните глобални геополитички состојби, јасно и без двоумење се определивме за целосна интеграција во евроатланските структури.

Во мај 2014 година, во Букурешт е формирано и Парламентарното Собрание кое во наредните години се покажа како значајна организациска форма а јас би додал и ефикасна алатка во остварувањето на темелните принципи и вредности на Процесот на Соработка во Југоисточна Европа. Од тогаш па до денес, многу работи се променија. Пет држави од нашиот клуб кој брои 13 членки, Бугарија, Романија, Грција, Хрватска и нашиот домаќин Словенија, се полноправни членки на ЕУ а заедно со Турција, Албанија и Црна Гора, се членки на НАТО. Останатите, вклучувајќи ја тука и Република Македонија, не само декларативно, туку и суштински работат на исполнувањето на таканаречените Копенхашки критериуми за да во еден разумен рок, при што сакам да потсетам на заклучоците на конференцијата на ЕУ во Солун, но и најновата стратегија на ЕУ за регионот, станеме дел на здружена Европа, односно полноправна членка на НАТО алијансата.

Почитувани пријатели,

Многуте ситни делови од мозаикот на крајот ќе создадат импресивна слика а во моментов, Европа без Западен Балкан мене ми наликува како на мозаик во кој фалат неколку делови за таа слика да биде цела и совршена. Во исто време, во Европа, а и глобално, многу се сигнификантни одредени гео-политички и гео-стратешки процеси. Од должничката криза, па референдумот во Велика Британија и започнувањето на процесот познат како Брегзит, потоа бегалската криза па сè до најновото заладување на односите помеѓу Велика Британија а со тоа и помеѓу ЕУ и Русија, јасно се оцртуваат овие нови геополитички процеси. И затоа сега, само по себе се наметнува прашањето, каде во сето ова е регионот Западен Балкан, односно државите од Југоисточна Европа кои сè уште не се полноправни членки? Факт е дека во овие ново настанати состојби, големите сили или ако претпочитате играчи на меѓународната сцена, сакаат на овој или на оној начин да ја зајакнат својата положба и влијание во Европа. Притоа, се поаѓа од нивните интереси кои најчесто се во спротивност со многу европски принципи и идеали. Секако дека најлесно е да се продре преку отворот од деловите што недостасуваат на сликата како што спомнав на почетокот на моето обраќање, односно, преку регионот Западен Балкан. Притоа, едни како метода на продирање го користат енергетскиот сектор, други го користат инвестирањето во инфраструктурни проекти и така натаму. Кажано метафорично, ЕУ треба што побргу да ја пополни таа празнина на својата слика со целосна интеграција на регионот Западен Балкан, и со тоа да ја заокружи целината која ја дефинираа уште Шуман, Моне, Гаспари, Аденауер, Черчил, односно татковците на идејата за Здружена Европа.

Ние во Република Македонија сме свесни за овие процеси. Во исто време, не само декларативно туку и  суштински работиме на исполнувањето на нашите обврски. Имаме јасна цел пред себе, а тоа е доближување на европските идеали, принципи и стандарди до Македонија, но и приближување на Македонија до Европа. Верувајте дека за ова имаме политички консензус од сите релевантни политички субјекти а што е уште побитно, истражувањето на јавното мислење покажува дека над 70 проценти од граѓаните се исто така за интеграција во евроатланското семејство. Сето ова претставува голем мотив, меѓутоа и обврска за актуелното парламентарно мнозинство и Владата, максимално посветено да работат на потребните реформи, но и на надминувањето на сите оние отворени прашања кои ги оптоваруваат билатералните односи со соседите и воопшто во регионот. Како што ви е познато, со Бугарија потпишавме Договор за добрососедство, пријателство и соработка, а со соседна Грција течат интензивни преговори со посредништво на г. Метју Нимиц, посредникот на Обединетите Нации за решавање на спорот со името. Воспоставивме пракса на одржување на заеднички владини седници со државите од регионот и на тие седници главниот акцент се става на целокупниот развој на билатералните односи но и на состојбите во регионот и секако, евроатланските интеграции. 

Со други зборови,  би рекол дека повторно чекориме здраво со двете нозе по европскиот пат, пат за кој не не поколебаа ниту некои според мене неоправдани и неаргументирани  критики кои ги добивме поради таквата наша евроатланска определба. 

Поаѓајќи од сето ова, убеден сум дека Парламентарното Собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и другите организациски форми, треба а верувам и можат да помогнат во изнаоѓање на вистинските одговори и мерки на актуелните геостратешки процеси. Одговори кои ќе водат кон јакнењето на регионот гледано од сите аспекти, а со тоа и јакнењето на секоја држава поединечно.

Во исто време, тоа ќе биде и нашиот придонес во зацврстувањето на местото, положбата и улогата на Европската Унија во глобалните геостратешки движења кои се случуваат на светско ниво.

Ви благодарам на вниманието!

Click