Активности

Понеделник, 4 јуни 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на основањето и промовирањето на Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите во Република Македонија

Почитувани колеги, 
Екселенции,
Претставници од невладиниот сектор,
Почитувани медиуми,
Дами и господа,

Ми претставува чест и задоволство што денеска присуствувам на основањето и промовирањето на Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите во Република Македонија. Ваквите интерпартиски групи не се новина во Собранието на Република Македонија, меѓутоа се доказ дека сите ние, како пратеници во овој законодавен дом, созреваме и се издигнуваме над партиските интереси и без оглед на политичката провиниенција од која доаѓаме, се здружуваме, соработуваме и правиме нешто што е за општото добро, а во овој случај, за доброто на нашите граѓани од ромската етничка заедница. 

На сите ни е добро позната генералната состојба на овие наши сограѓани, односно фактот дека се маргинализирани, недоволно интегрирани во општеството, со низок степен на вклученост во образовниот процес, со недоволна покриеност од страна на здравствениот сектор и ред други неповолности кои негативно влијаат врз нивната економска и општа благосостојба. Се прават напори за колку-толку подобрување на ситуацијата, притоа мислам на Декадата на Ромите, чијшто потписник е и Република Македонија, а не е мал ниту придонесот на невладиниот сектор, меѓутоа, не смееме да заборавиме дека ние сме претставници на народот, ние сме избрани од народот, ова е дом на народот и тука е местото каде што треба да се донесат, изменат и дополнат законите со кои ќе се санкционира оваа област. Сепак, не смееме да останеме само на донесување на квалитетни закони, туку, треба да се ангажираме во насока на вршење надзор врз имплементацијата, односно спроведувањето на тие закони. 

Драги пријатели,

Само со заеднички сили, со координирање на нашите активности и насочување на истите кон конкретни цели, ќе можеме да постигнеме успех и тој успех ќе може конкретно да се рефлектира врз подобрување на животот на нашите сограѓани Роми. Ви посакувам успех во работата, постигнување на конкретни резултати кои ќе бидат плод на вашата заедничка работа, а притоа Ве уверувам дека ќе ја имате мојата поддршка како претседател на Собранието на Република Македонија.

Ви благодарам на вниманието.