Активности

Петок, 6 октомври 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери на отворањето на „Балканската конференција по повод 500-годишнината од протестантската реформација, 1517-2017“

Почитувани претставници на научни институции,
Почитувани претставници на протестантската црква и претставници на другите верски заедници,
Екселенции,
Дами и господа,
Почитувани присутни,

Добродојдовте во законодавниот дом на Република Македонија, во домот на сите граѓани. Уште на почетокот на мојот мандат, јасно ја изразив мојата намера да овој храм на демократијата го отворам за сите иницијативи, потреби и позитивни чекори во градење на едно подобро, поздраво и подемократско општество, во кое сите граѓани ќе бидат еднакви и рамноправни во своите права и обврски. Оваа Конференција со која се одбележува 500-годишнината од протестантската реформација е доказ токму на таа моја интенција.

Пред петстотини години, поточно на 31 октомври 1517 година, младиот професор по теологија Мартин Лутер, на вратата на Витенбершката катедрала заковал парче хартија на кое имало 95 тези, повикувајќи ја јавноста на отворена дебата. Овие деведесет и пет тези имаат пред сè теолошки карактер, но, исто така, се однесуваат и на многу прашања и проблеми кои ја зафаќаат и општествената сфера и поединецот како индивидуа, неговите права и слободи, но и личната одговорност за себе, како и за пошироката заедница. Да не заборавиме, станува збор за 16-ти век, во кој со појавата на протестантизмот започнува политичката, религиозната, културната, образовната и уметничката реформација во Европа, а потоа и пошироко.На пример, еден од големите следбеници на Мартин Лутер, чешкиот педагог Јан Амос Коменски се зазема за образование за секого, без разлика на пол или социјален статус, и тоа на мајчин јазик, иако во тоа време образованието било привилегија само за одредени општествени слоеви, а латинскиот јазик преовладувал во образовниот процес во Европа. Тоа се цивилизациски вредности кои се актуелни, а за жал и денеска во некои средини се оспоруваат, посебно кога станува збор за образование на мајчин јазик.  Ќе го споменам од тој период Словенецот Примож Трубар, протестантски пастор кој за прв пат ја печати Библијата на словенечки јазик, а во неговата печатница се печатат и книги на кирилица.

Дами и господа,
почитувани пријатели,

Учењето на Мартин Лутер, односно протестантската реформација на овие простори доаѓа поинтензивно во деветнаесеттиот век, преку американските мисионери и преку познатото „Британско странско библиско здружение“. Сите ние денес ја знаеме сторијата за киднапирањето на американската мисионерка Мис Стоун, поточно Елен Стоун и нејзината придружничка Катерина Цилка, од страна на четата на Јане Сандански. Но, многу помалку знаеме дека Јане Сандански, потоа Добри Даскалов и многу други револуционери, го прифатиле протестантското учење.

Ширењето на протестантското учење, односно на Реформацијата меѓу Албанците датира исто така од деветнаесеттиот век и е тесно поврзана со ликот и делото на семејството Киријази, поточно со Герасим Киријази, како и неговите две сестри. Неговото семејство, православни Албанци, потекнува од Јужна Албанија, а на почетокот на осумнаесеттиот век се преселува во Битола. Младиот Киријази, како младо момче се среќава со група американски мисионери во Битола. Согледувајќи ги неговите интелектуални капацитети, бидејќи  младиот Герасим веќе тогаш покрај албански јазик, одлично зборувал македонски, грчки, турски и влашки јазик, тие го испраќаат во Самоков (Бугарија), на Американското богословско училиште, каде што учи за пастор. По завршувањето на богословијата, испратен е во Скопје, каде што проповеда на македонски јазик, но брзо потоа е испратен во Корча. Таму, освен што проповедал, се бавел и со преведување на црковна литература на албански јазик, а посебно внимание посветувал на образованието на младите, а пред сè на женската популација. Заедно со својата сопруга, во Корча, во 1891 го отвора првото училиште за девојки, во кое набрзо се школуваат 400 ученици.

Заедно со група свои истомисленици, го формира здружението Евангелско братство (Vëllazëria Ungjillore), кое покрај ширењето на верата, ја развива и издавачката дејност од разни области на албански јазик и има за цел развој на образовниот систем во Албанија и меѓу Албанците воопшто. На развојот на образовниот систем, особено работат и неговите две сестри Парашќеви и Севасти Киријази, кои пред тоа го завршуваат Американскиот колеџ за жени во Истанбул. Секако, не смее да се заборави и улогата на целото семејство Киријази во подготовките на Битолскиот конгрес (Kongresi i Manastirit), на кој е кодифицирана албанската азбука.

Почитувани пријатели,

Јас не сум теолог, ниту историчар, и би било нескромно да зборувам многу за протестантската реформација воопшто или присутноста и влијанието на нејзиното учење на овие простори. Сепак, пред сè како човек, тоа што сакам да го истакнам е фактот дека учењето на Мартин Лутер и на неговите следбеници, оставиле неизбришлив печат во Европската цивилизација, и дека многу од оние 95 тези заковани на вратата на катедралата пред петстотини години, денеска се дел од европските принципи врз кои почива здружена Европа. Да не бидам погрешно разбран, со ова ниту малку не ги потценувам другите вери или правци во христијанството и нивниот придонес во европската и светската цивилизација. Напротив, сакам да ја истакнам нивната комплементарност. Што се однесува до протестантизмот, односно Реформацијата на овие простори, без разлика на етничката припадност или на верските разлики, неговите почетоци се тесно поврзани со тенденциите и борбата за слобода на секој народ, без разлика дали станува збор за Македонците, Албанците и другите балкански народи.  Верувам дека и на вашата Конференција, преку вашите многу посолидни научни и експертски искажувања, ќе се потврди токму тоа, и врз основа на тие факти, ќе се понудат идеи како и понатаму сите заедно да градиме едно потолерантно општество, со поголема благосостојба за граѓаните, но и со поголема лична одговорност на секој поединец.

Ви благодарам на вниманието.

Click