Активности

Петок, 15 септември 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери по повод Меѓунарoдниот ден на демократијата

Почитуван претседател на Владата на Република Македонија, г. Зоран Заев,
Почитуван прв претседател на Собранието на Република Македонија, г. Стојан Андов,
Почитувани колеги, актуелни и поранешни пратеници,
Екселенции, 
Почитувани присутни,
Дами господа,

Размислувања за демократијата како форма на владеење и форма на државно уредување среќаваме уште во античките времиња, кај познатите мислители Аристотел, Сократ и Платон. Во суштина, од античките времиња па до денес, демократијата и сè тоа што се подразбира под овој поим, било предмет на теоретски расправи на политички дефиниции. А, бидејќи денеска, тука во поголем број сме луѓе од политиката, ќе цитирам една од тие политички дефиниции: „Демократијата е најлоша форма на владеење, освен што нема подобра“. Верувам дека многумина од вас ја препознаа оваа мисла на еден од најголемите политичари од минатиот век, Сер Винстон Черчил. И можеби токму фактот што нема подобра форма на владеење, беше мотив принципите на демократијата да влезат и во Повелбата на Обединетите нации, како и во многу други меѓународни документи и асоцијации. А на денешен ден пред 20 години во Каиро, од страна на Интерпарламентарниот совет, е усвоена Универзалната декларација за демократијата на Интерпарламентарната унија. На денешен ден пред десет години, Обединетите нации го прогласија петнаесетти септември за Меѓународен ден на демократијата.

Во јуни оваа година, упатив писмо до генералниот секретар на ИПУ, со кое информирав дека Собранието на Република Македонија ќе организира пригоден настан на 15 септември 2017 година, во чии рамки ќе бидат прифатени „Заедничките принципи за поддршка на парламентите“, и ете, денеска, со големо задоволство, Собранието на Република Македонија, и јас лично, како актуелен претседател, имаме чест да бидеме домаќини на овој значаен настан за демократија и парламентаризмот воопшто, а посебно за нашата млада демократија.

Која е целта или идеалот на демократијата? Ќе се навратам на спомнатата Универзална декларација, на членот три, во кој се вели, цитирам: „Како идеал и главна цел на демократијата е зачувување и унапредување на достоинството и основните права на поединецот, за постигнување на социјална правда, поттикнување на економски и социјален развој на заедницата, јакнење на кохезијата на општеството и зацврстување на националниот мир, како и создавање на клима пожелна за меѓународен мир. Како форма на владеење, демократијата е најдобар начин за постигнување на овие цели, исто така, таа е единствен политички систем кој има капацитет самиот да се коригира.“ завршен цитат.

И сега, нормално, се поставува прашање како да се остварат овие идеали? Човековите права и слободи и нивното доследно почитување се оној темелен принцип врз кој можеме да ја практикуваме вистинската демократија. Понатаму, без слободни и фер избори на кои граѓаните слободно и тајно ќе можат да ги изберат своите претставници, не можеме да зборуваме за демократија. Со ова, доаѓаме до таканаречените политички права кои подразбираат и право на политичко организирање во партии, и, секако, правото на секој поединец да бира и да биде избран, а во парламентите транспарентно и слободно да ги изразуваат своите ставови. Кој да го направи тоа? Одговорот е многу едноставен, Парламентот, бидејќи тој е од суштинско значење за заштитата на демократијата и владеењето на правото, почитувањето на човековите права, еднаквите можности и економскиот и социјален развој. Имено, со својата законодавна, надзорна и репрезентативна функција, парламентите имаат одговорност која од времето на античката „Агора“ па сè до денешните современи парламенти, постојано се зголемува. Затоа, во современиот свет, денес, парламентите имаат витална важност за сите граѓани.

Секако, тука е и државата, која мора да обезбеди имплементација и уживање на човековите политички, економски и социјални права за сите свои граѓани. Затоа, без чесна и транспарентна влада, која е слободно избрана и одговорна за своето владеење и управување со јавните прашања, не може да се зборува за демократија. За ова се потребни институции и високо професионална и самостојна државна администрација. Во исто време, институциите во процесите на демократијата, особено во хетерогените, односно плуралните општества, како што е нашето, преку вклучување на луѓе, мора да ги осигурат различноста и плурализмот, без разлика дали станува збор за етничка, верска или која било друга карактеристика.

Дами и господа,

Сакам овде особено да ја истакнам улогата која ја има невладиниот сектор, односно граѓанското општество. Имено, граѓанското општество, преку невладините организации, од една страна мобилизира многу поширок круг на граѓани кои сакаат да партиципираат во креирањето и водењето на јавните политики во кои се инкорпорирани нивните интереси. Понатаму, самите невладини организации се многу помобилни и ја немаат онаа класична партиска организираност која во недоволно развиените демократски општества ја гуши иницијативноста, па ако сакате и креативноста на членството на сметка на оттуѓените политички елити. Во исто време, граѓанското општество во современите и високо развиени демократии, сè повеќе станува многу сериозен и ефикасен чувар на основните човекови права и слободи, а во исто време и коректив во практикувањето на владеењето од страна на политичките елити.

Сосема е природно, денеска, кога одбележуваме дваесет години од донесувањето на Универзалната декларација од страна на ИПУ и кога го одбележуваме Меѓународниот ден на демократијата, да се запрашаме до каде сме со демократијата во нашето општество? На кое ниво е нашиот парламентаризам и колку имаме кај нас вистинска правна држава и владеење на правото, а во тие рамки пред сè, почитување на основните човекови права и слободи. Каде е нашиот невладин сектор?

На сите овие прашања и дилеми не може да се даде еден единствен одговор. Меѓутоа, можеме да дадеме заеднички именител, а тоа е дека сè уште ги боледуваме детските болести на парламентарната демократија. Тоа што мене лично ме охрабрува, е фактот што можеме отворено и аргументирано да зборуваме и да бидеме критични за нашата реалност. Тоа покажува дека, сепак, во овие 26 години на самостојност, создаден е политички систем кој знае да ги согледа своите слабости или ако сакате и недоречености и знае сам да се коригира. Факт е дека во тие процеси на коригирање добиваме помош од нашите меѓународни пријатели, и затоа, во оваа прилика, како прв меѓу еднаквите и претседател на Собранието, сакам да изразам благодарност до сите меѓународни организации и асоцијации кои активно учествуваа или учествуваат во натамошниот развој на демократијата и парламентаризмот во Република Македонија. Со ова, верувам дека сме на добар пат да ги оствариме и нашите стратешки определби, а тоа е членството во ЕУ и НАТО.

На крај, сакам да истакнам дека актуелното парламентарно мнозинство има јасно изразена политичка волја да продолжи со една поголема динамика во натамошниот развој на демократијата, вистинското владеење на правото и функционирањето на правната држава, јакнењето на улогата на Собранието, меѓутоа и одговорноста, пред сè, на парламентарното мнозинство, ама и на опозицијата. Имено, останува фактот дека во отсуство на силен и ефективен демократски парламент, државата ја губи својата легитимност. И тоа што можеби е најважно, е фактот што овие определби и заложби, граѓаните јасно ги препознаваат и поддржуваат. Да не заборавиме дека демократијата, уште од антиката, па до денес, е процес кој постојано се надградувал и развивал. Таа задача и одговорност е на сите нас кои во овој општествен момент сме во политиката, меѓутоа одговорност има и невладиниот сектор, како и секој граѓанин.

Ви благодарам.

Click