Активности

Среда, 6 септември 2017 година

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Талат Џафери, на конститутивна седница на Интерпартиска парламентарната група за правата на лицата со хендикеп

Дами и господа,
колеги пратеници,
Почитувани претставници на невладиниот сектор,
претставници на медиумите, 

Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со хендикеп не е класично собраниско тело како што се на пример собраниските комисии, парламентарните совети и други, туку претставува парламентарна лоби група чија што цел е да работи на подобрувањето на условите за нашите сограѓани кои се со хендикеп за да можат и реално да се чувствуваат еднакви со другите граѓани. Да не заборавиме дека ова е дел од општите човекови права кои се дел од Уставот на Република Македонија. Државата, а и сите ние кои сме во политиката, имаме обврска да овозможиме секој граѓанин, секој поединец, да ги ужива подеднакво своите права.

Почитувани пријатели,

Кога станува збор за нормативното уредување на правата на лицата со хендикеп, мислам дека имаме добри закони кои во голема мерка ги имаат имплементирано европските стандарди. Сепак, убеден сум дека вашата група, која ќе биде формирана денеска, ќе ги разгледа детално законите и другите акти кои ја уредуваат оваа проблематика и врз основа на таа анализа, како и компарацијата со стандардите на Европската Унија и законските решенија во државите членки, ќе предложи свои измени и дополнувања. Притоа, ако е потребно, ќе предложи и донесување на нови закони, без да се чека тие да дојдат од извршната власт. Јас, како претседател на Собранието, секако, почитувајќи го Деловникот, ветувам дека секоја таква иницијатива ќе биде ставена на дневен ред , односно ќе влезе во законодавна процедура. Сепак, тоа е само нормативниот дел. За жал, нашата практика покажува голем расчекор помеѓу нормативното уредување и имплементацијата на законите и тоа не е така само кога станува збор за правата на лицата со хендикеп, туку воопшто. Како да го надминеме тоа? Парламентарната демократија има одговор и на ова прашање. Тоа се надзорните расправи, преку кои, од една страна може реално да се отсликаат состојбите, да се идентификуваат одговорните субјекти, како и нивната објективна и субјективна одговорност, меѓутоа и да се донесат јасни заклучоци и насоки за надминување на истите. Имено, како држава чијашто стратешка цел е  интеграцијата во ЕУ, ние не смееме да дозволиме лицата со хендикеп да бидат маргинализирани на кој било начин. За жал, дури и во Скопје, а уште повеќе во внатрешноста, имаме многу реални физички препреки кои го отежнуваат или воопшто не го дозволуваат нормалното движење на лицата кои користат инвалидски колички. Зборуваме за компјутер за секое дете, меѓутоа, барем јас не сум чул, дали на секој наш граѓанин со оштетен вид, без разлика дали станува збор за ученик, студент или возрасен човек, државата му обезбедила посебен компјутер за лица со ваков хендикеп? Понатаму, навистина се прашувам дали во органите на локалната самоуправа, меѓутоа и во државните институции дали воопшто има вработени кои го знаат знаковниот јазик на глувонемите и лицата со оштетен слух? Се поставува прашање, колку како држава сме создале услови за лицата со хендикеп, мислам пред сè на лицата со оштетен слух и глувонемите, како и на лицата со оштетен вид и слепите лица, да можат да студираат на високообразовните институции. Вакви и слични прашања може и понатаму да си поставуваме, меѓутоа, како што реков, потребно е состојбите да се менуваат.

Почитувани,

Верувам дека вие кои како членови на оваа интерпартиска парламентарна група за правата на лицата со хендикеп во сегашниот мандатен период, имате и капацитет, знаење и политичка волја за менување на состојбите. Убеден сум дека заедно со невладиниот сектор, како и со другите државни институции, ќе направите голем, позитивен чекор во насока на подобрувањето на животот на нашите сограѓани со хендикеп. Секако дека тоа е голем предизвик и одговорност, но ако сите зборуваме за целосна имплементација на европските стандарди, тогаш не можеме да си дозволиме една група граѓани реално да не можат да си ги остварат своите основни човекови права и слободи и тоа само затоа што ете, имаат некаков хендикеп.

Ви благодарам на вниманието.

Click