Активности

Четврток, 6 декември 2018 година

Посета на Делегација за избор на стипендисти за ИПС во Германскиот Бундестаг

Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Сојузна Република Германија во Собранието на Република Македонија оствари средба со Делегација за избор на стипендисти за Меѓународната парламентарна стипендија (ИПС) во Германскиот Бундестаг во состав: Штефан Албани, пратеник; проф. д-р Елмар Кулке, декан на Хумболт Универзитетот во Берлин  и д-р Андреас Трампе, администрација на Бундестагот.

Претседавачот на средбата, Емил Димитриев посочи дека Геманија е наш стратешки партнер, економски и политички број еден во Европа, во рамки на таа трговска соработка над двеста компании во Македонија се со германски капитал, а забележителен е и степенот на извоз од наша страна кон Германија.

Двете земји на билатерален план бележат силна динамика во комуникациите, а нивото на парламентарната соработка како многу важно придонесува таа да е комплетна.

Димитриев воедно подсети и на неодамнешната посета на Меркел, како прв канцелар кој ја посетил Македонија, во еден исклучително важен момент за нас.

Пратеникот Албани и д-р Трампе изразија благодарност за изборот на новите ИПС стипендисти, подготвеноста на кандидатите, покажаниот ентузијазам и знање, како и познавањето на политичкиот систем на Германија.

Професорот Кулке исткна дека освен пет месечната парламентарна стипендија младите луѓе имаат можност да посетуваат и настава на факултетите, научно да се надоградуваат во одредена област. Тој повика на продлабочување на соработката во сфера на образованието преку Универзитетот Хумболт и  Еразмус програмата. 

Покрај ИПС програмата, соговорниците се согласија дека соработката треба да се интензвира и во други области, на ниво на парламентите со размена на мислења и искуства на административните службеници за потребните поглавја по отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ.