Активности

Вторник, 13 март 2018 година, Баку, Република Азербејџан

Пратеничката Шахпаска на меѓународна конференција во Баку

Пратеничката Јагода Шахпаска, членка на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), учествува на меѓународната конференција на тема: „Улогата на парламентарците во поттикнувањето на економската соработка и културните врски долж Патот на свилата“, што во организација на „Групата за поддршка на Патот на свилата“ на ПС на ОБСЕ се одржува на 13 и 14 март 2018 година во Баку, Република Азербејџан.

На свеченото обраќање пред пратениците се обратија: г-ѓа Бахар Мурадова, потпретседател на Парламентот на Република Азербејџан, г. Георге Церетели, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ, г. Иван Брајовиќ, претседател на Парламентот на Црна Гора, г. Елмар Мамадјаров, министер за надворешни работи на Република Азербејџан и г. Дамдин Цогтбаатар, министер за надворешни работи на Монголија. Тие го истакнаа значењето на унапредувањето на соработката меѓу земјите долж Патот на свилата, особено во областа на економијата, трговијата, културата, инфраструктурата и транспортот, како и продлабочувањето на политичкиот дијалог во регионот на ОБСЕ. 

Во рамките на Конференцијата се одржаа три панел дискусии: „Унапредување на заемно корисната економска соработка и трговските врски“, „Олеснување на транспортот и логистиката“ и „Градење доверба, размена на култура и промовирање на дијалог“. 

Пратеничката Јагода Шахпаска беше воведничар во третата панел дискусија, со која претседаваше г. Абулфас Гарајев, министер за култура и туризам на Република Азербејџан. Таа информираше дека Република Македонија учествува во иницијативата „Појасот и патот“, како современ Пат на свилата и истата ја смета за најважна инфраструктурна иницијатива која ги поврзува Азија, Африка и Европа. Земјата е дел и од „Варшавската иницијатива“ или т.н. „Процес 16 + 1“ помеѓу Кина и земјите на Централна и Источна Европа, која се покажа како успешна, особено во полето на економската соработка, трговијата, инвестициите, како и културната размена. Пратеничката Шахпаска нагласи дека Македонија беше една од првите земји што ги препознаа можностите и придобивките од „Варшавската иницијатива“ и веќе во 2012 година потпиша договор за изградба на две важни автопатски делници на нејзината територија. Исто така, таа информираше дека пред три години Министерството за економија на Република Македонија и Министерството за трговија на НР Кина потпишаа Меморандум за разбирање за промовирање на заеднички развој на економскиот појас: Патот на свилата. 

Госпоѓа Шахпаска истакна дека Република Македонија е земја домаќин на „Координативниот центар за културна соработка помеѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа“ во рамките на „Процесот 16+1“, кој беше свечено отворен на 2 март 2018 година. Заложбите на овој Центар се во насока на следење, унапредување и афирмирање на меѓусебната културна соработка помеѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ. Центарот ќе настојува да ги продлабочи и зајакне културните врски и да ја реафирмира централната улога на културата во подобрувањето на меѓусебното разбирање и културниот дијалог, а се предвидува неговите активности да бидат фокусирани на споделување знаења, искуства и најдобри практики, комуницирање и вмрежување на официјалните претставници од областа на културата и сл. Во фокусот на Координативниот центар, исто така е и организацијата на четвртиот Министерски форум за културна соработка, кој во 2019 година ќе се одржи во Република Македонија.

На крајот од обраќањето, г-ѓа Јагода Шахпаска изрази уверување дека Конференцијата ќе поттикне нови идеи и иницијативи, а пратениците ќе дадат свој придонес во поттикнувањето на економската соработка и културните врски долж Патот на свилата.

Се очекува учесниците на Конференцијата да усвојат „Декларација од Баку“.

„Групата за поддршка на Патот на свилата“ на Парламентарното собрание на ОБСЕ e формирана во јули 2017 година во Минск, а во неа членуваат парламентарни делегации на 22 земји учеснички во ОБСЕ. Цел на Групата е да го поддржи развојот на меѓусебните економски односи и соработка долж Патот на свилата, врз основа на целосно почитување на водечките принципи на ОБСЕ.