Активности

Петок, 16 март 2018 година

Пратеникот Китев на Состанокот на ПССЕ во Париз

Во рамките на редовните активности на ПС на СЕ, на 16 март 2018 г., во Париз, Француската Република, се одржува редовниот состанок на Постојаната комисија на ПС на СЕ, како и вториот состанок на Ад-хок комисијата за улогата и мисијата на ПС на СЕ, основана со Резолуцијата на ПС на СЕ 2186(2017). На овие настани учествува пратеникот г. Бетиан Китев, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС на Советот на Европа. 

На состанокот на Постојаната комисија, кој го раководеше г. Микеле Николети, новоизбраниот претседател на ПС на СЕ, меѓу другите точки, се разгледа Предлог-дневниот ред за априлската сесија на ПС на СЕ, потоа предлозите за ургентни дебати и предлозите за измена на Деловникот во контекст на буџетските рестрикции на организацијата. 

Како дел од агендата за априлската сесија, предвидено е обраќање на г. Никола Димитров, министер за надворешни работи на Република Македонија. Учесниците имаа прилика да разменат мислења околу тековните состојби на планот на имплементацијата на пресудите на Европскиот суд за човекови права во земјите членки на ПС на СЕ, согласно Резолуцијата на ПС на СЕ 2178(2017) со г. Гвидо Рајмонди, претседател на Европскиот суд за човекови права. 

На состанокот на Постојаната комисија беше едногласно усвоена Изјавата од Комисијата за правни прашања и човекови права, која се однесува на Предлог-декларацијата од Копенхаген за европскиот систем на човекови права во иднината на Европа. Истата ќе се дебатира на конференција на високо ниво за европскиот систем на човекови права, која во рамките на Данското претседавање со Комитетот на министри, ќе се одржи во април оваа година во Копенхаген.

На состанокот на Ад-хок комисијата за улогата и мисијата на Парламентарното собрание, се разгледаа сублимираните мислења доставени од одделни национални делегации, околу прашањето за новите визии за тоа како треба да се реформира Парламентарното собрание и да го задржи својот базичен корпус на надлежности - заштитата и промовирањето на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Акцент беше ставен на идентитетот на самото собрание како на орган кој ги донесува одлуките, паневропски форум за дијалог и „куче-чувар“ на човековите права и демократијата.

Беа зацртани целите на оваа реформа: обновување на влијанието на ПС на СЕ во рамките на Организацијата и во земјите членки, преку политичка акција или модификација на работни методи; зајакнато мониторирање на имплементацијата на резолуциите и препораките во земјите членки; поттикнување на политичкиот дијалог на ПС на СЕ/Комитетот на министри и зајакнување на статутарната и политичка улога на ПС на СЕ во однос на Комитетот на министри; негување на интеракцијата на ПС на СЕ со генералниот секретар на Советот на Европа, со комесарот за човекови права и со органите за контрола и надзор на организацијата (ГРЕКО, Венецијанската комисија, и сл.); поттикнување на политичкиот дијалог меѓу ПС на СЕ и Европскиот парламент и унапредување на односите со останатите меѓународни организации. 

Постојаната комисија, која делува во име на Парламентарното собрание меѓу пленарните седници, ја сочинуваат претседателот и потпретседателите на ПС на СЕ, претседателите на политичките групи, шефовите на националните делегации и претседателите на комисиите. На овие состаноци вообичаено учествуваат околу 60 пратеници од 47 земји членки на Советот на Европа.

Click