Активности

Понеделник, 4 декември 2017 година, Тбилиси, Грузија

Пратеникот Мемеди на Меѓупарламентарна конференција на тема: „ЕУ и партнерите – Прифаќање на разновидноста за посилно заедништво“

Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Весел Мемеди, учествува на Меѓупарламентарна конференција на тема: „ЕУ и партнерите – Прифаќање на разновидноста за посилно заедништво“, што се одржува од 3 до 6 декември 2017 година, во Тбилиси, Република Грузија.

На свеченото отварање на Меѓупарламентарната конференција се обратија: г. Иракли Кобакнидзе, претседател на Парламентот на Република Грузија; г. Гиорги Квирикашвили, претседател на Владата на Република Грузија; г. Ричард Чарнески, потпретседател на Европскиот парламент; Н.Е Јанос Херман, амбасадор на Европската Унија во Република Грузија; г. Микхеил Јанелидзе, заменик-министер за надворешни работи во Република Грузија и г. Ниелс Скот, претставник од УНДП во Република Грузија.

На Меѓупарламентарната конференција присутни беа и голем број европратеници и членови на различни комисии во рамките на Европскиот парламент, министри и претставници на парламентите од Црна Гора, Романија, Украина, Полска, Латвија, Ерменија, Србија, Литванија, Бугарија, Азербеџан, Шпанија, Естонија Турција, универзитетски професори, експерти, претставници од невладини организации и медиуми.

Свое обраќање на Конференцијата имаше и заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Весел Мемеди, при што напомена дека проширувањето на Европската Унија е најзначаен, не само развоен, туку и мировен проект на европскиот континент, кој им овозможува на европските држави да ги надминат своите историски кумулирани проблеми и разлики. Во изминатите десет години, Република Македонија и земјите од Западен Балкан делумно ги почувствуваа благодетите од интегративниот процес. Но, проектот на европското обединување сè уште не е завршен.

На крајот од своето излагање напомена дека на Република Македонија и на земјите од Западен Балкан им е потребна поддршка за продолжување на европските и евроатлантските интеграциски процеси.

Меѓупарламентарната конференција беше можност за учесниците да разменат искуства поврзани со евроинтегративните процеси, регионалната безбедност и соработка, како и со актуелните безбедносни предизвици во Европската Унија и пошироко. 

Меѓупарламентарната конференција е организирана од страна на Парламентот на Република Грузија, по иницијатива на Комисијата за европски прашања од Парламентот на Република Грузија поддржана од страна на Европската Унија и УНДП.

Click