Активности

Четврток, 5 октомври 2017 година

Промовирање на образованието како гаранција за стабилност и развој

На Есенската сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржува од 3 до 5 октомври 2017 година во Андора, учествува Делегација на Собранието на Република Македонија, во состав: г. Владимир Ѓорчев, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ); г-ѓа Јагода Шахпаска и г. Фадил Зендели, членови на Делегацијата. 

Во рамките на Есенската сесија се одржаа: Парламентарна конференција „Безбедноста во областа на ОБСЕ: нови предизвици и нови задачи”, седница на Постојаниот комитет на ПС на ОБСЕ и Медитерански форум. 

Во дебатата на Третата сесија на Парламентарната конференција, на која се дискутираше за промовирањето на образованието како гаранција за стабилност и развој, учествуваше пратеничката Јагода Шахпаска. Таа нагласи дека Република Македонија вложува сериозни напори за унапредување на образованието и во таа насока се реализирани или се во тек на реализација повеќе значајни проекти, а дел од нив се спроведуваат во соработка со ОБСЕ. Како примери ги посочи документот „Чекори кон интегрирано образование во образовниот систем во Република Македонија” и брошурата „Со заеднички чекори кон образованието”, кои придонесуваат за подобрување на меѓуетничката клима во образовните институции. 

Таа информираше дека во сите основни и средни училишта се формирани „Тимови за меѓуетничка интеграција во образованието” и посочи дека со измените на Законот за основно образование и Законот за средно образование од јули 2016 година се предвидува финансирање на заеднички наставни и воннаставни ученички активности, кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката  интеграција и толеранцијата. 

Госпоѓа Шахпаска подвлече дека поддршката на ОБСЕ на полето на интеграциите и мултикултурализмот е особено важна и добредојдена, бидејќи овој вид на проекти во голема мера придонесуваат кон стабилноста и развојот на земјите учеснички во ОБСЕ и му даваат хумана димензија на образованието. 

На состанокот на „Групата за поддршка на патот на свилата” што се одржа во рамките на Есенската сесија на ПС на ОБСЕ, Делегацијата на Република Македонија беше едногласно примена во членство на оваа Група, заедно со  делегациите на Австрија и Полска. Оваа неформална група, која во моментов брои 20 земји учеснички, има за цел да го поддржи понатамошниот развој на меѓусебните економски односи и соработка, врз основа на целосно почитување на водечките принципи за односите меѓу државите учеснички, утврдени во Завршниот акт од Хелсинки. Групата претставува платформа за промовирање на заемно корисни економски и трговски врски, особено со промовирање на поврзаноста преку развивање на мултимодални транспортни коридори, мерки за олеснување на транспортот и трговијата, промовирање на слободно и сигурно движење на лица, стоки, услуги и инвестиции во согласност со важечките правни рамки, меѓународното право и обврските на ОБСЕ.

Click