Активности

Четврток, 21 септември 2017 година

ПРВА СЕДНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

На Првата седница на Националниот совет за евроинтеграции што се одржа на 20 септември 2017 година беа презентирани активностите реализирани од Владата на Република Македонија за интеграција во Европската унија, во изминатото тромесечие, како и активностите за тековното тромесечие и потреба од поширок национален консензус. 

На седницата беа поканети и присуствуваа Н.Е. господинот Самуел Жбогар Шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, како и амбасадори на земјите-членки на Европската унија во Република Македонија, претставници од Министерството за надворешни работи, од Секретаријатот за европски прашања.

Во обраќањето пред Советот, г.Бујар Османи Заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, укажа дека спроведувањето на реформите не претставува обврска само на Владата туку на сите општествени фактори и е неопходен предуслов во градењето на функционална демократија, стабилно и просперитетно општество и компетитивна економија. г.Бујар Османи искажа подготвеност да се дискутира за сите значајни прашања, да се обезбеди инклузивност и транспарентност во процесот, како и тековно информирање на Советот, за напредокот во процесот на евроинтеграција. Приоритетен чекор е да се обезбедува политички дијалог во Собранието, а условената препорака на Европската комисија за почеток на преговорите мора да стане безусловна. Целта на Владата е да обезбеди консензуална платформа за отстранување на вториот услов од Извештајот на ЕК, за што е потребно предвидените закони да се донесат со широка поддршка. Планираните реформи кои произлегуваат од Програмата на Владата ги имаат во предвид Договорот од Пржино, препораките од Итните реформски приоритети, Венецијанската комисија, Греко, ОБСЕ и препораките од консултациите со граѓанските организации. Вицепремиерот за европски прашања информираше дека наскоро ќе се подготви подетален извештај за реализација на предвидените мерки од Планот на Владата, и за истиот ќе се информираат Собранието, Европската комисија и пошироката јавност. Во однос на мерките од Планот на Владата што се однесуваат на Собранието, г.Османи информираше дека Владата се обврза да се воведат тематски пратенички прашања согласно Собраниските процедури, како и подготвеност за искрена соработка со опозицијата, враќање на надзорната функција на Собранието и неговите тела надлежни за надзор на безбедносно-разузнавачките служби.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции г. Никола Попоски истакна дека одржувањето на Првата седница на Советот е во момент кога го имаме вториот извештај на Рајнхард Прибе кој ги продолжува препораките од 2015 година.Тоа што е клучно за извештајот од оваа година е дека за се што треба да се направи мора да се тргне од потребата за дебата за поширок национален конзенсус, што не се однесува само на тесното мнозинство на пратениците во Собранието, туку пошироко. Реформите во државата мора да се прават за подолг временски период и нема да бидат предмет на внатрешно политичко пазарење. Првиот предуслов за да може Република Македонија да ги започне преговорите е да се напуштат стандардите од првите 100 дена на Владата во пресрет на реформите за кои е неопходен национален консензус. Потребно е да се воспостават нови стандарди за да се обезбеди здрава демократија, здрав дијалог во кој одредени законски решенија  ќе мора да поминат низ јавна дебата со вклученост на сите фактори, па дури потоа да се ставаат во Собраниска процедура, констатира во дискусијата претседателот на Советот, г. Никола Попоски. Владата не може да обезбеди  мандат без контролни механизми, затоа опозицијата е тука да поддржи добри решенија за најбрз почеток на преговорите за членство, истакна Попоски.

На  седницата на Националниот совет за евроинтеграции се обрати и Н.Е. г. Самуел Жбогар Шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, кој истакна дека за Република Македонија клучните приоритети  се реформите во судството, службите за разузнавање и надзорот, добрососетските односи како и потребата да се воспостави меѓупартиска соработка и договор. Основната стратешка цел на сите политички партии во Собранието е започнувањето на преговорите за членство во Европската унија. Евроинтеграциите  треба  да бидат обединувачка сила не само на политичките партии туку и на целокупната јавност во земјата. Во своето обраќање амбасадорот Жбогар се осврна на скорешната изјава на претседателот на Европската комисија  Жан Клод Јункер, дека до 2025 година Европската унија планира да  биде побројна и затоа е потребно  секоја земја-кандидат за членство да покаже дека постои вистинска промена внатре во земјата. Не само што треба да се продолжи со реформите, потребни се и кредибилни избори, ослободени од насилство и неправилности, што е многу важен предуслов за да се оди напред во процесот. Владејачката коалиција има голема одговорност и важно е да не се осврнува на лошите практики на користење на државни ресурси и нулта толеранција во однос на ова прашање, истакна Н.Е. Самуел Жбогар.

Во расправата со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа: г.Никола Попоски, претседател на Советот, пратениците г.Антонио Милошовски, г.Африм Гаши и г.Влатко Ѓорчев, како и претставникот од Конфедерацијата на слободни синдикати г.Благоја Ралповски. 

Во однос на третата точка од дневниот ред на седницата, Предлог-планот на активности на Националниот совет за евроинтеграции за периодот септември-декември 2017 година, беше дадено дополнително време за консултација меѓу членовите на Советот, за да можат да достават свои предлози за теми за дебати во Советот.

 стенографски белешки        записник

Click