Активности

Среда, 4 октомври 2017 година

Сите земји на ОБСЕ да работат заедно во исполнувањето на предизвиците 

Делегација на Собранието на Република Македонија во состав: г. Владимир Ѓорчев, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), г-ѓа Јагода Шахпаска и г. Фадил Зендели, членови на Делегацијата учествува на Есенската сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржува, од 3 до 5 октомври 2017 година, во Андора. 

На свеченото отворање на сесијата, на која учествуваат околу 180 пратеници од земјите учеснички и партнерите за соработка на ОБСЕ се обратија: г. Висенц Матеу Замора, претседател на Парламентот на Андора, г-ѓа Кристин Мутонен, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ и г. Антони Марти Петит, премиер на Андора. 

Во своето обраќање пред парламентарците, претседателот на Парламентот на Андора г. Висенц Матеу Замора истакна дека безбедноста и соработката се клучните вредности на ОБСЕ и нејзините земји-учеснички, а дијалогот е клучот за изнаоѓање решенија за поправеден и мирен свет.Претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, г-ѓа Кристин Мутонен, се осврна на темата на парламентарната конференција: „Безбедноста во областа на ОБСЕ: нови предизвици, нови задачи" и ја нагласи важноста на сите земји на ОБСЕ да работат заедно во исполнувањето на овие предизвици. Таа ја истакна улогата на парламентарците во поттикнувањето на соработката и дијалогот за решавање на тековните и новите кризи во областа на ОБСЕ, а посебно ја нагласи важноста од справување со климатските промени и решавање на конфликтите во регионот. Во борбата против климатските промени, таа повика на политики со приоритет на проекти за чиста енергија, инвестиции и иновации за промовирање на еколошки економски раст.

Премиерот на Андора, г.  Антони Мати Пети оцени дека мултилатерализмот е патот кон подемократски и фер меѓународни односи и тоа е единствениот начин да се најдат решенија за прашањата со кои се соочува меѓународната заедница. Прашањата на оваа конференција, сајбер-сигурноста, климатските промени и образованието, не можат да се решат исклучиво на национално ниво, туку тие бараат глобална перспектива и меѓународна соработка.Во рамките на Есенската сесија на ПС на ОБСЕ се одржа дебата на тема: „Креирање на поинклузивни парламенти: промовирање на учеството на лицата со попреченост", на која учествуваше пратеничката, г-ѓа Јагода Шахпаска. 

Таа информираше за активностите на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост во Собранието на РМ (ИППГ), која за прв пат беше формирана во мај 2003 година, по примерот на соодветната група од Европскиот парламент. Пратеничката Шахпаска истакна дека главната цел на ИППГ била да се создаде „критична маса" во Собранието, каде што пратениците, од сите политички партии, ќе се залагаат за подобрување на положбата на лицата со попреченост, преку промени во законодавството и инкорпорирање на нивните специфични потреби во законски одредби.

Во својство на копретседавач со ИППГ, г-ѓа Јагода Шахпаска информирасе за резултатите од работилницата на тема: „Политичко учество на лицата со попреченост", организирана од ИППГ, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и „Полио Плус", што се одржа во Собранието на Република Македонија, на 28 септември 2017 година. Истовремено, таа нагласи дека членовите на ИППГ се отворени за соработка со слични групи кои постојат во парламентите на ОБСЕ, како и подготвени да го споделат искуството со парламентите кои се заинтересирани за организирање активности во оваа област.Есенската сесија на ПС на ОБСЕ продолжува со работа со сесии на кои ќе се дискутира за сајбер безбедноста, климатските промени и образованието.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска со политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.

Click