Активности

Четврток, 17 мај 2018 година

Соопштение на ИППГ за правата на ЛГБТИ лицата, по повод 17 Мај - Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија

На 17 Мај, Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија, кој оваа година ширум светот се одбележува под мотото „Сојузништва за солидарност“, Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата ја изразува својата солидарност со ЛГБТИ луѓето кои преживеале различни видови стигматизација, дискриминација и насилство.  

Меѓу нашите партнери кои го одбележуваат овој ден се и пратениците од Интергрупата за правата на ЛГБТИ луѓето во Европскиот парламент, од кои добивме поддршка и честитки за формирањето на Интерпартиската група за правата на ЛГБТИ луѓето во Собранието на Република Македонија. 

„Како пратеници во Европскиот парламент кои се посветени на одбрана и унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето во ЕУ и пошироко, среќни сме што и нашите колеги го прават истото. Македонија деновиве испишува историја, со тоа што е првата земја во Западен Балкан која основала ваква група. Ова е силна и многу потребна порака дека ЛГБТИ граѓаните треба да се еднакви со нивните сограѓани во Македонија“ – се вели во писмото со честитки од ЛГБТИ групата на Европскиот парламент.

И покрај остварениот важен напредок за правата на ЛГБТИ лицата, нотиран и во Извештајот на Европската комисија, сепак ЛГБТИ заедницата во Македонија се соочува со сериозни предизвици. Дискриминацијата и насилството врз ЛГБТИ луѓето сè уште се присутни и затоа, не само што најостро го осудуваме говорот на омраза, насилството и дискриминацијата врз ЛГБТИ луѓето во Македонија, туку и согласно нашите надлежности, активно работиме за подобрување на законската регулатива. Поднесовме амандмани на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за додавање на сексуална ориентација и родов идентитет како дискриминациски основи со што експлицитно ќе се забрани медиумските услуги да содржат програми кои поттикнуваат или шират дискриминација, нетрпеливост и омраза.

Нашата цел е преку позитивни промени да овозможиме заштита од говор на омраза, насилство и дискриминација и развој на инклузивно општество што подеднакво го почитува секој поединец без разлика на која било различност, вклучително и различната сексуална ориентација и родов идентитет.