Активности

Четврток, 14 септември 2017 година

Средба на претседателот Џафери со Делегација на Националната гарда на Вермонт

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со Делегација на Националната гарда на Вермонт, предводена од генерал-мајорот Стивен Креј. 

На средбата беше поздравена успешната соработка меѓу припадниците на Армијата и на Министерството за одбрана на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт, која се одвива преку Партнерската програма од 1993 година и на која учествувале над 4.500 припадници на МО и АРМ во обуки за исполнување на НАТО стандардите. Како особено успешна беше оценета мисијата  „Феникс10“ во Авганистан во 2010 година, каде припадниците на АРМ како дел од наменските сили извршуваа најсложени задачи рамо до рамо со американските партнери и беа оценети со највисоки оценки. 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, ги информираше гостите и за моменталната состојба и тековните активности на Собранието на Република Македонија, се осврна и на едногласната поддршка на пратениците за Одлуките за распоредување војници во Мировните мисии на НАТО и високата поддршка на јавноста за членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Претседателот Џафери искажа надеж дека 2018 година ќе биде година на позитивни настани во Република Македонија, меѓу кои и полноправно членство во НАТО. 

Генерал-мајорот Креј истакна дека Република Македонија е тесно поврзана со НАТО и има целосна и силна поддршка од САД на нејзиниот пат кон полноправно членство во Алијансата. Соговорниците разменија мислења за поголемиот број планирани активности во сферата на одбраната за 2018 година и изразија надеж дека извонредната билатерална соработка, која е пример за соработка меѓу пријателските земји, кои се и стратешки партнери, ќе продолжи и во иднина. 

Click