Активности

Вторник, 8 мај 2018 година

Средба на претседателот Џафери со Делегација од Грузискиот парламент

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со Делегација од Парламентот на Грузија, предводена од заменик-претседателката на Парламентот на Грузија, г-ѓа Тамар Чугошвили.

Претседателот Џафери изрази задоволство од остварувањето на средбата и истакна дека пратениците, иако имаат недостаток од билатерални контакти, остваруваат поголема соработка во рамките на меѓународните парламентарни собранија.

Во продолжение, претседателот на Собранието зборуваше за организирањето на Рос-Рот семинарот, којшто е семинар на Парламентарното собрание на НАТО, и тоа е уште една прилика за меѓусебно среќавање на пратениците од двата Парламента.

Покрај тоа, претседателот Џафери истакна дека политичките односи помеѓу Република Македонија и Грузија, како и севкупната соработка, се на многу ниско ниво, меѓутоа искажа позитивна подготвеност за развивање на секаков вид на билатерална соработка со Грузија, односно повика на поголема соработка.

Претседателот на Собранието на Република Македонија истакна дека Република Македонија во последниот период е земја за пример за воспоставување на добрососедски односи и потврда на тоа е интензивирањето на преговорите со Република Грција, а пред тоа и ратификацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Заменик-претседателката на Парламентот на Грузија, г-ѓа Тамар Чугошвили, изрази големо задоволство за реализацијата на средбата и за посетата на Парламентарниот институт во Собранието на Република Македонија и истакна дека ова е можност за делегациите да можат да разменат искуства и мислења. Оваа посета може да послужи исто така како пример за Парламентот на Грузија во насока на формирање на Парламентарен институт кај нив, сличен на моделот на нашиот институт.

Делегацијата од Грузија беше позитивно настроена во насока на воспоставување на секаков вид на соработка, и во рамките на двата Парламента и на други нивоа и области.

Двајцата соговорници повикаа на интензивирање на соработката во иднина и упатија отворена покана до претседателот на Собранието на Република Македонија за учество на Самитот за отворено владино партнерство во Грузија. Ова ќе претставува и нов почеток заради фактот што Република Македонија и Грузија ќе започнат нова етапа врз која во иднина ќе се развива поинтензивна политичка и дипломатска соработка помеѓу двете земји.

Click