Активности

Петок, 17 ноември 2017 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО Г. ТОМАС ГРЕМИНГЕР, ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ОБСЕ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со новиот генерален секретар на ОБСЕ, г. Томас Гремингер.

На почетокот на средбата, претседателот Џафери изрази задоволство од остварувањето на средбата и надеж дека и во иднина ќе продолжи плодната соработка со ОБСЕ. Претседателот изрази задоволство од консензуалното усвојување на одлуката за пополнување на четирите највисоки позиции во Организацијата на вонредниот Министерски совет, одржан во јули оваа година. 

Претседателот Џафери истакна дека Република Македонија високо ја цени улогата на ОБСЕ во демократскиот развој на земјата и воедно изрази благодарност за постојаната поддршка што Мисијата ѝ ја дава на Република Македонија, како една од најстарите активни мисии по осамостојувањето.

Тој, исто така, подвлече дека Собранието на Република Македонија активно учествува во работата на Парламентарното собрание на ОБСЕ и во октомври минатата година Собранието беше домаќин и коорганизатор на Петнаесеттата есенска сесија на ПС на ОБСЕ.

Генералниот секретар на ОБСЕ, г. Томас Гремингер, се заблагодари за можноста да се сретне со претседателот на Собранието и изрази благодарност за високата почит што Република Македонија ја покажува за улогата на ОБСЕ и нејзините структури.

Тој изрази задоволство за успешното надминување на политичката криза, за спроведените мирни избори и отпочнувањето со реформскиот процес. Господин Гремингер истакна дека создавањето на силни, транспарентни и отворени институции е клучно за стабилизација на земјата и на регионот во целост.  

На средбата стана збор и за настаните од 27 април, при што претседателот Џафери изрази благодарност за изјавената поддршка од високите претставници на ОБСЕ. 

Претседателот Џафери нагласи дека земјата особено го цени ангажманот и придонесот на ОБСЕ/ОДИХР за спроведените мирни и транспарентни локални избори.

Тој истакна дека е клучно да се врати надзорната улога на Собранието и се работи во насока на постигнување на поголема транспарентност и отвореност на Собранието, како и враќање на довербата на граѓаните кон законодавниот дом. 

На крајот на средбата, соговорниците се согласија дека е потребно продлабочување и интензивирање на заемната конструктивна соработка за доброто на земјата и регионот. 

Click